Friday, March 8, 2013

INTERVIEW: Billy Gibbons (ZZ Top)


Објавено во „Нова Македонија“ на 21.10.2009




Нашите концерти се
како менување дискови во џубоксот


ZZ Top е американска група што има големо влијание во светската популарна музика. Користејќи го традиционалниот тексашки блуз, како основа, тројката успеа да го надгради и да го продаде како врвен комерцијален производ, без притоа да навлегува во непотребни експериментирања.
Групата е оформена во 1969 година во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас. Триото веќе 40 години го сочинуваат Billy Gibbons, Dusty Hill и тапанарот Frank Beard. Кариерата на овој рок-бенд, чија музичка основа се блузот и бугито, почна со објавувањето на деби-албумот насловен симболично „Првиот албум на Зи-зи топ“ (ZZ Top’s First Album), по што на средината на седумдесеттите години од минатиот век следуваа и Tres Hombres (1973) и Fandango! (1975), со хитовите La Grange и Tush. Но најдобрите години на ZZ Top се 1980-тите, кога на светскиот дискографски пазар се појавуваат албумите Eliminator (1983) и Afterburner (1985) од кои излегоа и големите хитови како Gimme All Your Lovin‘, Dressed Man, Legs, Velcro Fly, Rough Boy, Sleeping Bag и други. Речиси сите овие синглови беа проследени со необични видеоспотови, со стилизирани автомобили и секси-девојки, кои покрај долгите бради на Gibbons и Dusty Hill, станаа заштитен знак на групата, но и на музичката телевизија MTV, која во тоа време почнуваше да се пробива во светскиот телевизиски етер.
На радост на големиот број нивни обожаватели, ZZ Top, во рамките на светската турнеја, пристигнаа и на Балканот. Тие веќе одржаа два концерта, во Љубљана и во Белград, а утревечер, во 21 часот, ќе свират во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Сите три концерти се во организација на македонската „Авалон продукција“. Во пресрет на скопскиот концерт, гитаристот Billy Gibbons, даде интервју за „Нова Македонија“.


ZZ Top е на чекор да ја прослави својата 40-годишнина од оформувањето на бендот и од објавувањето на ZZ Top’s First Album. Како во овие четири децении се развиваше групата и што научивте за минатите децении?
- Ние работите ги сфативме уште во првата година, а наредните 39 ги потрошивме на дотерување на фините нешта. Навистина, немаше некоја голема промена бидејќи ние сме истите тројца момци што ги свират истите три акорди. Ја научивме важноста на наоѓањето на мексиканска храна на најневеројатни места.

Во кариерата, ZZ Top одржа голем број концерти и продаде над два милиони албуми, но за прв пат доаѓате во Македонија. Имате ли претстава каде ќе свирите на 22 октомври, и знаете ли дека тука има голем број ваши обожаватели?
- Ние сме повеќе од свесни каде доаѓаме и нестрпливо чекаме да свириме за нашите фанови во Македонија. Тука сме за да комуницираме со сите ZZ Top-зависници, и тоа не само во Македонија. Искрено многу сме возбудени од средбата со повеќето од нив кои не слушаат и кои растеа со нас во изминативе 40 години.

Дали за овој дел од Европа, за Балканот, има некоја посебна сет-листа со најголемите хитови или ќе се држите до веќе утврдената од актуелната светска турнеја?
- Сетот на песни секогаш варира и се менува од свирка до свирка и од место до место. Не знаеме што ќе свириме сé додека не наближи шоуто. Понекогаш се навраќаме на песните од нашиот прв албум, а понекогаш наоѓаме песна која никогаш не сме ја ни снимиле. Тоа дефинитивно ги прави работите поинтересни, дури и мистериозни. Тоа ти е нешто како менување дискови во џубоксот.

Од скопскиот концерт на 22 октомври 2009
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Објавивте дека тргнувате на европска турнеја веднаш по прекинувањето на заедничката со Aerosmith, откако на еден концерт се повреди нивниот пејач Steven Tyler. Дали токму на оваа територија сакате да ја потиснете болката и да го заборавите тој немил настан?
- Уште додека траеше заедничката американска турнеја со Aerosmith, ние имавме цел враќање на убавите времиња низ Европа. Свирењето на европско тло е нешто неверојатно и секогаш возбудливо. Тука е вистинскиот рокенрол.

Иако сте на турнеја, сепак се зборува дека подготвувате и нов албум што ќе го работите со славниот продуцент Rick Rubin. Може ли да очекуваме малку пожесток звук или ќе го задржите својот препознатлив тексас блуз-рок?
- Да иако сме на пат, ние постојано запишувавме некои работи во текот на концертите и дома ќе си отидеме со сортиран материјал. Rick ќе ни се придружи како дополнителен музичар и визионер. Со нетрпение ги чекаме студиските сесии во студиото Double R.

Во својата колекција ја имате и гитарата наречена Muddywood. Може ли накратко да се раскаже приказната за таа мистична гитара?
- Тоа е гитара која е изработена од трупец од чемпрес кој бил дел од покрив на куќата на легендарниот блуз музичар Muddy Waters, сместена на плантажата Стовал во Кларксдејл, Мисисипи. Силна бура откорнала неколку дрва од покривот на куќата. Ние добивме дозвола да земеме едно од нив, и го трансформиравме во гитара која што му ја посветивме на Waters. На самиот врат на гитарата, од горе па надолу претставена е калливата река Мисисипи.

Од скопскиот концерт на 22 октомври 2009
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Пред дваесет и пет години, на насловницата од албумот Eliminator, имаше специјално дизајниран автомобил, кој се појавуваше и во некои спотови, што подоцна стана заштитен знак на ZZ Top. Која е врската меѓу, музиката, автомобилите и секси-девојките кои ги гледавме во тие спотови?
- Идејата на спотовите на ZZ Top е чувството дека луѓето уживаат гледајќи убави жени и бесни автомобили повеќе од сé друго. Ние некако имаме споредна улога во тие спотови. Практично ние сме „Грчки хор“ (жаргон што означува група на споредни актери на сцена кои го коментираат дејството, н.з.), додека автомобилите и прекрасните девојки се во фокусот. Ние уживаме да присуствуваме на сетот и како изведувачи и како гледачи.

Во еден од вашите најголеми хитови Legs, пеете за женски секси нозе. Дали навистина пости девојка чии нозе се опеани во песната?
- Да, секако...! Стиховите настанаа по една случка, додека се возевме низ Хјустон кога не фати една бура голема како Тексас. Тогаш забележавме млада дама, со мини здолниште, која стоеше на тротоарот и беше мокра до гаќи. Се договоривме да и понудиме превоз и шанса да се исуши и да се стопли. Но, додека да застанеме до рабникот на тротоарот таа веќе беше замината. Тогаш ни дојде идеја за песната, и таа настана спонтано. Девојката имаше навистина прекрасни нозе и очигледно знаела како да ги искористи.


Не ги избричија брадите ни за милион долари

Во 1984 година компанијата Gillette им понуди на Dusty Hill и Billy Gibbons хонорар од еден милион долари, за да ги избричат брадите, за потребите на снимањето на нивната нова телевизиска реклама. И покрај тоа што сумата беше навистина голема, двајцата брадести членови на ZZ Top, ја одбија понудата велејќи: „Без брадите сме навистина грди“.
Нивните бради станаа мит, па поради тоа тие се осигурени на милионска сума пари, која не се соопштува.



No comments:

Post a Comment