Wednesday, March 27, 2013

ALBUM REVIEW: Zlaten presek - Chromatic Point


Објавено во „Нова Македонија“ на 31.12.2012





Звуци што „збудалуваат“
и носат чувство на сигурност



Дебитантското издание на составот Chromatic Point, насловено Златен пресек, ја размрда домашната рок-музика, која последниве години и онака бележи одличен напредок. Иако групата во овој состав е релативно нова во домашното рок-стадо, членовите зад себе имаат повеќегодишно искуство во неколку различни гаражни бендови, што е вистинскиот клуч за успех. Покрај тоа, некои членови имаат и музичко образование, додека, пак, другите се самоуки со упорност што може да се почувствува на ова парче пластика. Ваквиот спој на искуство, образование и упорност е вистинската формула за создавање препознатлив звук.
Албумот Златен пресек плови на брановите на тврдокорните метал-звуци, каде што до израз доаѓаат индивидуалните инструменталистички способности на секој од четворицата членови на Chromatic Point. Станува збор за инструментален албум, без ниту еден вокал, каде што бучните звуци се испреплетени со македонски мотиви, кои даваат до знаење дека убиствената четворка пред сe` гледа во своето маало, а не прави никакви пресликувања на глобалните тенденции што доаѓаат од студениот европски север.



ИЗВЕДУВАЧ: Chromatic Point

АЛБУМ: Златен пресек

БРОЈ НА ПЕСНИ: 8

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 40,03 минути

СНИМЕНО: февруари-април 2012 г.

ЖАНР: инструментал / етно-метал

ИЗДАВАЧ: Ezgia Records

ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 05.12.2013



Посегнувањето по сопствената традиција е предизвик дури и за најголемите, но овие млади момци тоа го направиле без страв и со изграден став кон тоа што се нарекува македонски бит, без притоа да ја осквернават или да ја упропастат идејата на своите предци. Тоа може да се види и во насловите на песните, кои се единствениот текстуален дел на албумот, а меѓу нив се и Разловци 1876, Рожба, Малешевска реченица или На пат кон дома.
Секако, во прв план на Златен пресек доаѓа извонредната гитарска техника на Сашко Бранковски, кој во 40-минутниот материјал го вози слушателот низ несекојдневните спиритуални чувства. Неговата нагласена агресивност е борба на доброто и на злото и претставува одглас на бесот, кој затскриено тлее во дамарот на неговата душа.
Ритам-секцијата, која ја сочинуваат тапанарот Влатко Ѓоргиевски-Далтон и басистот Ален Спасевски, е таа што ја води играта. Нивните синкопирачки ритми ја дополнуваат целата возбуда. Кога на сето тоа ќе му се додаде и суптилниот звук на клавијатуристот Душко Ичев, кој постојано се провлекува низ 40-минутниот материјал, станува јасно зошто оваа четворка функционира и како компактна целина. Импровизирачките моменти на секој од нив, кои се чувствуваат во неколку налети низ целиот албум, се доволен доказ дека овде не се работи според строго определени решенија, туку дека нивната потрага по совршенството е на повисоко ниво со хармонски решенија што на моменти збудалуваат и предизвикуваат чувство на сигурност.


No comments:

Post a Comment