Tuesday, November 7, 2017

INTERVIEW: Jan Akkerman (Focus)

Објавено во „Нова Македонија“ на 07.11.2017







Музиката е искачување по
интерактивните скалила на општеството




Холандскиот гитарист и композитор Jan Akkerman се вбројува меѓу најголемите музичари на денешницата, кој едно време успеа да ги засени големите гитарски авторитети како Eric Clapton, Jimmy Page, Jeff Back... Со музика почнува да се занимава уште од мал, а во текот на 1970-тите години успева да стане почитуван музичар. Компонирајќи песни, кои се засноваат на прогресивниот рок, тој јасно даде до знаење дека станува збор за интелигентен музичар што има јасна визија за новите музички текови. Неговиот најпродуктивен период е кон крајот на 1970-тите кога беше дел од групата Focus, која постави нови стандарди и успеа да стане глобално популарен холандски бенд. Покрај работата со групата Focus, сними десетина соло-албуми, а има и заеднички изданија со други музичари, како Kaz Lux, Claus Ogerman, Tony Scott... Во својата кариера експериментирал со различни музички стилови од рок, прогресив, па сè до фјужн, џез, а во последно време и блуз. Токму со таков блузерско-рокерски состав, в четврток ќе настапи во Скопје, во клубот Станица 26, во рамките на настаните што ги организира концертно-продукциската куќа 3 гонга.


В четврток ќе имате концерт во Македонија каде што досега сте настапувале неколкупати. Какви се вашите спомени од претходните гостувања во Македонија?
- Тоа беа одлични концерти каде што навистина се чувствував многу убаво. Атмосферата беше несекојдневна и публиката секојпат уживаше во музиката и во мојот перформанс. Првиот пат свирев во рамките на блуз-фестивалот, а некоја година подоцна имав концерт и во Куманово, каде што имаше прекрасна публика. Откако заврши концертот заедно со другите членови од бендот, отидовме во еден паб каде што требаше да свири некој локален кавер-бенд. По кратко време организаторот, кој беше со нас, нè праша дали сакаме да отсвириме неколку песни на инструментите што веќе беа поставени на сцената. Секако ние се согласивме и направивме одлично шоу. Оваа спонтана свирка ми остана во сеќавање затоа што атмосферата беше неверојатна.

Со кој музички проект доаѓате сега во Македонија и по што ќе се разликува овој концерт во однос на претходните што сте ги одржале тука? Што може да очекува македонската публика овој пат?
- За разлика од претходните настапи, овој пат во Скопје доаѓам со мојот бенд, кој е составен од врвни музичари од Холандија. Покрај мене на сцената ќе бидат Papa Coen Molenaar на клавијатури, Marijn van den Berg на тапани и David de Marez Oyens на бас-гитара. Ова ќе биде енергична рокерско-блузерска свирка, со која ќе го претставиме музичкото богатство од новиот период, но нема да бидат изоставени ниту песните од минатото. Секако ќе има блок со песни од групата Focus, само за да потврдиме дека музиката и публиката во 1970-тите не беа толку лоши.

Во текот на вашата повеќедецениска музичка кариера сте експериментирале со различни музички правци, рок, прогресив, фјужн, џез, но се чини дека секогаш се чувствувала и провлекувала една блуз-нишката. Колку различните музички правци влијаеја на вас да се изградите како музичар и композитор во минатите години?
- Уште кога бев момче сакав да експериментирам со различни музички стилови, па така се обидував да го спојам блузот со класичната музика. Мојот прв сингл беше Melody in F од Arthur Rubinstein, кој беше отсвирен во А-дур, затоа што звучеше малку порокерски. Потоа ги слушав Wes Montgomery и Kenny Burrell, а исто така ги сакав и Django Reinhardt, како и тројцата кралеви на блузот BB King, Albert King и Freddy King. Секако не ја заобиколив ниту големата шпанска циганска традиција.
Инаку, јас секогаш се чувствував како сесиски музичар во некоја група, која понекогаш ја нарекуваа Focus или Brainbox, кој беше мој омилен бенд. Focus беше повеќе од кабаре-група, со добро образовани музичари. Ги направив сите прогресиврок-аранжмани за Focus и за Brainbox. Навистина тоа беше тешко, затоа што тоа всушност претставува нешто како хеви-метал со диплома.

Колку денешната глобално политичко-економска состојба, кога има разни превирања на сите страни на светот, влијае на вас како креативец и колку тоа може да се почувствува во вашата музика денес во однос на периодот од 1970-тите години?
- Живееме во страшно време кога луѓето сакаат да побегнат и да се оттргнат едни од други. Тоа за мене донекаде е во ред, но само ако тие го почнат овој процес од самите себеси. Другото е многу политички, во што не можам да најдам никаква музикалност. Единствено што можам да направам е да фрлам некои позитивни звуци во вселената со надеж дека некој ќе ги чуе.


Кој дел од вашата музичка кариера би го издвоиле како најдобар? Дали е тоа времето на групата Focus, потоа периодот кога работевте на проекти со други музичари, како на пример со Kaz Lux, Claus Ogerman, Tony Scott, или можеби овој последниов?
- Секој период од кариерата на некој уметник е вреден. Тоа всушност претставува еден вид искачување по полихроматските интерактивни скалила на општеството од позитивно кон негативно. Секогаш е задоволство и чест да се свири за публиката, без разлика кој стил и личност ја изведуваат музиката. Едноставно треба да се биде ослободен од стегите и багажот, кој музичарите го носат на своите плеќи.

Во која насока во иднина ќе се движи вашето музичка истражување? Ќе останете фокусиран и ќе го надградувате она што досега сте го работеле или ќе откривате нови музички видици? Кои се вашите нови предизвици?
- Ќе продолжам да ги развивам работите во онаа насока во која работам изминативе децении, но исто така секогаш ќе се обидувам да го задржам отворениот ум како земјоделец што копа во земјата во потрага по корени. Тоа е предизвик за мене, а потоа само треба да се фокусирам на работи како кога мачката се обидува да го фати глушецот.

Што значи за вас гитарата, дали тоа за вас е само инструмент или е нешто повеќе?
- Без сомнение гитарата за мене е начин на живот. Јас го живеам она што го работам и обратно.

Вашата гитарска техника инспирира многу светски гитаристи, а некои ги натера да потрошат многу часови совладувајќи ја. Која е тајната што многумина и денес не можат да ја откријат?
- Со свирење почнав да се занимавам уште од дете, затоа што постојано бев опкружен со музика. Роден сум и израснат во близината на црква, од која постојано се слушаа разни црковни песни. Практично црквата и таа музика станаа моја инспирација. Подоцна кога почнав „сериозно“ да се занимавам со свирење гитара и компонирање музика, јас постојано се навраќав на моментите од детството и тоновите што сум ги слушал тогаш. Значи, тајната за мојата техника беше средината во која пораснав.

Во 2007 година свиревте во Македонија на Blues and soul festival, заедно со нашиот гитарист Влатко Стефановски, а веќе наредната година со него го снимивте албумот Thunder From The Blue Sky на кој се најдоа повеќе познат светски блуз-композиции. Како дојде до соработката со Влатко Стефановски?

- Соработката со Влатко Стефановски беше по негова иницијатива. По заедничкиот концерт што го имавме во Скопје, на Blues and soul festival. Тој ми испрати e-mail, во кој ми го образложи целиот проект, и на крајот ми предложи заедно да го снимиме овој материјал. Се согласив да го направам тоа без пари, само да ми обезбеди авионски билет до Македонија. Снимањето на песните помина во една спонтана и многу пријатна и опуштена атмосфера. Влатко Стефановски е неверојатен гитарист, кој има јасна визија за музиката, но исто така ги почитува и старите музички вредности.


Wednesday, November 1, 2017

ИНТЕРВЈУ: Бодан Арсовски

Објавено во „Ритам“ на 16.07.2004






Човекот што си игра со тишината



Со Бодан Арсовски, секогаш е благодарно да се разговара, а особено во моменти кога повторно ја засилува својата активност и кога на публиката ѝ подарува нови носачи на звук (и слика), нови концертни настапи... Излегувањето на првото македонско музичко DVD, Сенки во ноќта, снимка од повеќеслојните арт-концерти што Бодан во 2002 година ги одржа во македонските антички локалитети, е основната причина за нашиот разговор со него, но, како и секогаш кога разговарате со овој голем македонски уметник, темите си извираат една од друга...


Иако имате долга музичка кариера, издавањето DVD е ново искуство за Вас. Кои се причините што ве натераа на овој чекор?
- По завршувањето на турнејата што во 2002 година ја одржав низ античките театри, ми останаа многу видеоснимки направени во копродукција со Македонската телевизија. Исто така имав и мултимедијален тонски запис од сите концерти, кој го направив за себе, за лична документација. Во тоа време не постоеше идеја дека ќе се роди ваков проект и се надевав дека од сето тоа може да излезе само еден добар видеоматеријал, за кој се надевав дека еден ден ќе го објавам како лајв-албум. Но кога заврши проектот Сенки во ноќта, во септември-октомври 2002 година, во Македонија веќе почна да се стандардизира појавата на DVD. Во тој момент мене, како и обично, ми се раѓаат текви идеи - да се направи нешто невозможно за овдешни услови.

Кога е во прашање ваков проект, времетрањето на изработката е долго и макотрпно. Можете ли поблиску да ни го опишете процесот на реализација, на сите сцили и харидби што моравте да ги поминете од идеја до реализација?
- Најголем проблем беше дали воопшто ќе можам да го решам прашањето со звукот, бидејќи видеото подразбира 5.1 сараунд звук. На мојот долгогодишен сорботник Кокан Димушевски му однесов избор од материјалите што би можеле да се работат и внимателно ги преслушавме. Во средината на 2003 година влеговме во студио и за месец и пол успеавме да го псотигнеме тој сараунд звук. Најголемиот проблем беше со видеоматеријалот. Се надевав дека тоа ќе го завршам приближно за исто време, за месец-два, но не испадна како што мислев. Бидејќи уште во почетокот поставивме високи стандарди, моравме до крај да се држиме до нив. Понекогаш се случуваше да се потроши една вечер за обработка на временски интервал од 20 секунди. Заедно со режисерот Стојан Стојановски и монтажерот Аце Бошковски, но и другите луѓе од екипата поминавме осум-девет месеци додека не се направи финалниот продукт. Покрај ова имаше и други придружни елементи што требаше да се завршат, како на пример преведувањето на текстот, препевот на песните на шест јазици.

Вие сте човек што учествуваше во создавањето на првото македонско CD Зодијак. Десет години подоцна повторно сте дел од едно комплексно и историско издание, првото македонско музичко DVD. Какво е Вашето интимно чувство?
- Речиси исто како и кога се појави првото македонско CD Зодијак. Тоа по малку ме возбудува, затоа што многу стандарди во македонската музичка индустрија не постојат и треба да се постават. Исто така, јас сум првиот што направи и турнеја по античките театри. Претходно тоа беше незамисливо, бидејќи во одредени локации, како на пример во Скупи, немаше струја. За таа пригода се спроведе струја и сега тоа место може да оживее и да се користи за други културни манифестации.

Концептот на Вашите концерти во античките локалитети беше еден вид играње со Боговите, конкретно со античкиот бог Дионис. Што ве предизвика да си играте со него?
- Култот на Богот Дионис постоел од секогаш и е многу битен сегмент од човечката цивилизација, но благодарение на Friedrich Nietzsche се врати во свеста на човештвото. Јас се чувствувам горд бидејќи на локалитетите каде што ги правев концертите, пред илјадници години се случувале Дионисовите свечености. Значи, на некој начин имав и морално право концертите да ги направам на начин на кој ги направив, затоа што Дионис е бог на вознесот, на љубовта кон животот, на радоста што сме живи. Не само до аспект на божественото, туку и од аспект на тоа што покренува некои слоеви во дамарите на човекот. Затоа и проектот го нареков рефлексија кон почетоците на цивилизацијата. Мислам дека Дионис бил иснспирација не само за мене, туку и за многу други уметници, а поред нив е Еврипид. Целото дејство на DVD-то се води токму онака како што тоа го направил Еврипид, но јас користев и современи дејства, и во мојата приказна дејството се случува во 1999 година.

Успешно ја поврзувате митологијата со новото урбано време. Од каде тој уметнички порив? И како дојде до тоа да почнете да истражувате и да ја обработувате антиката?
- Митологијата е многу инспритавина, особено за уметниците. Во последно време се прават филмови со митолошка и историска тематика, како на пример оние за Троја, за Исус, за Александар Македонски, гладијаторите... Јас како да го фатив тој тренд. Бидејќи проектот Сенки во ноќта е почнат уште пред четири години, најверојатно јас сум во тие паралелни текови што се случуваат на глобално ниво. Што се однесува до антиката, јас во неа навлегов преку македонскиот музички фолклор, бидејќи музиката е медиум што најдобро го запишува духовното и му помага да опстојува со векови. Кога прв пат правев музика за античка трагедија, ја базирав на нашето музичко фолклорно наследство. Откако навлегов длабоко во фолклорот и антиката, бев одлично подготвен и чувствував дека можам да го работам Дионис.


Какви сè музички духовни трансформации имавте на Вашиот пат: од Леб и сол, преку фазите на првата формација на Езгија оркестар и албумот Endless view, втората Езгија и албумот Broken Beats, па сè до денес?
- Од првиот до последниот Езгија оркестар се провлекува еден препознатлив звук, но тоа секогаш зависи од соработниците. Во првиот случај го имавме Пеце Атанасовски. Во наредните состави на Езгија имаше сосема други луѓе, со различен темперамент и нормално е да има друго созвучје, но во принцип, музиката е иста.

Сега кога сте во своите средни години и кога сте зрел музичар и творец, што претставува рок-музиката за Вас? Предизвикува ли сè уште возбуда и емоции?
- Сега во светот има одлични рок-групи, но мора да признаам дека долго време не сум бил на концерт на некоја група од калибарот на Radiohead или Placebo. Сепак, сега интересот ми е на друга страна.



Каде, според Вас, ќе се помести тежиштетот на глобалното музичко фокусирање во наредниот период? Дали е тоа етно-музиката, која во последниве години зема сè поголем замав или некоја друга, нова фузија?
- Јас етното со следам од друг начин. Што е повеќе автентично, мене ми е помалку привлечно. Точно е дека го користам етното, но само како идеја што понатаму ја надградувам и му давам мое видување - во денешен сензибилитет и денешна конотација. Мене, на пример, не би ме интересирало да гледам некое попско фолклорно друштво како игра и пее, но ме интересира Frédéric Chopin, затоа што чувството за фолклорот го правел во сосема поразбирлив, поестетски и поуниверзален систем отколку што е самиот фолклор. Не мора секогаш да бидеш со автентичниот инстумент. И Африканците ја свират истата музика како пред 300-400 години, но сега на современи, електрични и електронски инструменти и тоа пак звучи неверојатно.

Што понатаму? Ќе изнедрите ли наскоро ново издание?
- Оваа година многу работев, но кога ќе погледнам наназад имам некое чувство оти ништо не сум сработил. Во изминатава година најголем дел од времето ми одзема продукциајта на DVD-то. Во меѓувреме направив музика за балетска претстава на Искра Шукарова. Сега работам на музиката на претставата Орест од Еврипид, која ќе биде изведена на отворањето на фестивалот за античка драма во Стоби. Со Кокан Димушевски, правиме заеднички албум, кој би требало да се појави наесен. Што се однесува до новиот албум на Езгија оркестар, мислам дека две години по турнејата Сенки во ноќта се мала пауза. Тоа беше голем проект, мултимедијален спектакл што многу ме истроши. Немам чувство оти треба да се појавувам со нешто ново.

Споменавте дека со Кокан Димушевски работите на заеднички албум. Што опфаќа тој проект?
- Тое е проект во кој јас и Кокан музицираме само на клавир и бас-гитара, во кој едноставно си играме со тишината. Исто како што сликарите сликаат на бело платно, така ние музицираме на тишината. Тоа е едно сосема друго видување на музиката, но мислам дека за тоа сè уште е рано да се зборува.

Пред извесно време со Кокан настапивте на Рациновите средби во Велес. Ќе има ли уште некој ваш заеднички настап пред да се појави албумот?
- Во Велес настапивме како квартет со кој, покрај мене и Кокан, се и Гоце Стевковски на тапани и Сашко Аврамовски на саксофон. Со истата оваа формација учествувавме и на отворањето на Охридско лето. Инаку, квартетот го оформивме сосема случајно. Во декември минатата година бев поканет во хрватското телевизиско шоу Време је за џез, каде што требаше да имам едночасовно шоу. Токму по овој повод беше оформен овој квартет. Веднаш потоа направивме мала турнеја низ Хрватска. Бидејќи се појави голем интерес за таа формација, во август ќе имаме дваесетина концерти на територијата на поранешна Југославија. Ова е прв пат да направам нешто непланирано, а на луѓето да им се допадне.



Thursday, June 22, 2017

INTERVIEW: Zoran Predin (Lačni Franz)

Објавено во „Нова Македонија“ на 22.06.2017






Пееме на југоесперанто, јазик што сите го разбираат, а никој не го признава


Славниот словенечки бенд Lačni Franz во Македонија нема настапено уште од времето на поранешната заедничка држава, поради распаѓањето на Југославија, по што и групата се расформира. Пред неколку години тој најде нова екипа, составена од млади момци, со кои го воскресна Lačni Franz. Во новата постава на групата, покрај водачот, композитор и пејач Зоран Предин, се и Тине Час на гитара, Анеј Кочевар на бас-гитара, Лука Чадеж на перкусии и Боштајн Артичек на клавијатури. На задоволство на старите и на новите македонски обожаватели, составот конечно доаѓа во Скопје. Концертот ќе се одржи вечерва (22.06.2017), на платото пред Македонската опера и балет, во рамките на Скопско лето.




Пред неколку години настапивте на Оф-фест, но со друга екипа музичари, со Дамир Кукурузовиќ. Која е разликата меѓу тој проект и овој сега?
- Lačni Franz првпат во Скопје настапуваше во 1985 г., во домот на младите 25 Мај, сегашен МКЦ, како дел од тогашниот нов бран. Нашиот нареден концерт беше четири-пет години подоцна на градскиот стадион во Скопје, по повод Денот на младоста. Потоа судбината не нѐ донесе во Скопје и многу работи се променија, Lačni Franz практично се расформира и сите од поставата почнаа да работат нешто друго. Единствено јас останав во музиката. Пред неколку години старите обожаватели почнаа да прашуваат дали може повторно да ги чујат хитовите на бендот и се направи приказна за повторно обединување. Во Скопје доаѓаме сосема освежени и отворени за сѐ. Старата публика ќе може да ги чуе своите омилени песни, но со нов и освежен звук, додека, пак, новата генерација ќе може да ужива во поновите песни, исто така со силна порака. Комуникациската вредност на оваа концертна програма е поголема од порано, практично скопскиот концерт ќе содржи т.н. комуникациски клучеви, песни што сите ги знаат, некои од нив не се наши, но се одбрани и направени за да можат на сродните души да им ги отворат вентилите. Ако порано Lačni Franz важеше за бенд за сладокусци, сега сме и бенд за сите други љубопитни, за сите што сакаат добра музика и знаат да уживаат во силен електричен рокенрол.

Кој беше поводот за повторно оформување на Lačni Franz?
- Во еден момент сфатив дека историјата се повторува, и тоа на многу тажен начин. Имено, текстовите што беа актуелни во 1980-тите, кога пропаѓаше социјализмот, сега се повторно актуелни, кога пропаѓа капитализмот, неолиберализмот и сите тие турбоработи што нѐ опкружуваат. Сфатив дека денес младите луѓе почнаа да ги слушаат моите песни и решив да пробам да го воскреснам Lačni Franz. Најдов четири млади момци способни да отсвират како што треба. За многу кратко време ги убедивме старите обожаватели дека звучиме многу добро. Текстовите почнав да ги пишувам на хрватски јазик, а потоа да ги изведувам на српски или, како што јас го нарекувам тоа, на југоесперанто. Тоа е јазик што сите го разбираат, но никој не го признава. Инаку, на повратничкиот албум намерно ставивме четири стари песни и шест нови песни, за да се види дека новите не се ништо полоши или послаби од старите. Всушност со ова добивме многу нова публика, а наедно ја разбудивме старата, што беше и планот.

Велите дека текстовите од раниот период на Lačni Franz одлично одговараат и на денешната ситуација. Но, кому му се обраќаат новите, на вашата или на помладата генерација?
- На сите, но фокусот е на сродните души. Има млади луѓе од 60 години, но и млади од 20 години. За жал, имаме и стари луѓе што поминале 30 години и не знаат што да прават сами со себе, тие се заробени во волшебен триаголник - кревет, фрижидер, телевизор, каде што го живеат својот живот. Новите текстови се наменети за сродните души и за љубопитните луѓе од сите генерации. Како и претходно, текстовите се многу критични, полни се со црн хумор и се обидуваат да испратат порака за оптимизам, кој одамна исчезна, особено кај помладите генерации.


Кога ви беше потешко, во времето кога почнуваше Lačni Franz, кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, или сега, со оваа нова гарнитура музичари и општеството со ново политичко уредување?
- Секое време си има свои добри и лоши страни. Кога си млад ништо не ти е тешко. Во тоа време најмногу нѐ задушуваше режимот. Ни ги забрануваа албумите, концертите, не ни ги пуштаа песните на радио, нѐ цензурираа, но сето тоа го преживеавме и се изборивме. Всушност Lačni Franz имаше три фази. Првата, кога нѐ забрануваа поради името - Lačni (гладен) и Franz. Ни велеа дека во Југославија нема гладни луѓе, додека, пак, за Франз, со нагласено З на крајот, ни велеа дека партизаните ги протераа сите Франзови уште во 1945 година. Се обидувавме да им објасниме дека сме гладни за нова музика и наедно сме обожаватели на големиот композитор Franz Liszt. Втората фаза беше игноранцијата, кога насекаде нѐ забрануваа. Во тоа време, два месеца пред секој настап требаше да се испратат текстовите на читање кај командирот на полицијата, па да се добие дозвола, која, нормално, речиси никогаш не ја добивавме. Последната фаза беше асимилацијата, а тоа се наградите. Значи, кога режимот не успева да те уништи, тој те наградува, така се обидува да те дискредитира. Но, и покрај тоа, јас се гордеам со тие награди. Седум секретари на СКОЈ беше голема награда и сум во одлично друштво што го има добиено ова признание. Денес имаме нови проблеми. Како прво, никој не му верува на стар бенд кога тој ќе се разбуди и сите велат дека ни снемало пари па затоа се реоформуваме. Но кога ќе излеземе на бина, јасно се гледа дека ние сме стари волци, кои сѐ уште знаат и сакаат да свират вистински и бунтовнички рокенрол.

Имаат ли потенцијал денешните музичари да го направат тоа што го направи вашата генерација?

- Страшно е што денес музичката порака не е толку силна како порано. Ако панк- пораките од крајот на 1970-тите го менуваа светот, денес тоа се некои нови медиуми, како на пример WikiLeaks, а Julian Assange стана Malcolm McLaren на новото време. Но, во секој случај, има надеж кај новите генерации бендови, на кои исто како и нам, ќе им биде тешко да испливаат на површината.

Thursday, February 16, 2017

ИНТЕРВЈУ: Јаков Дренковски


Објавено во „Нова Македонија“ на 11.02.2017





Од полноќен бедуин
повторно сум полноќен каубој



           Јаков Дренковски, кого поголемиот дел од публиката концертно го познава како урбан трубадур, настапувајќи во една акустична верзија, сам со својот глас и гитара, на 14 февруари ќе одржи концерт во една поинаква, електрична верзија придружуван од рокенрол-бенд. Всушност, така е и најавен концертот под брендот Jakov & The Band, кој ќе се одржи во киното Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје. Во новата рокенрол-дружина, покрај Јаков, се уште и Данаил Дарковски-Дарко на бас-гитара, потоа Трајче Органџиев на клавијатури, Спиро Здравески на тапани и Владимир Чадиковски на електрична гитара, додека, пак, придружните вокали ќе ги пеат Ана Костадиновска и Сара Николовска.

ФОТО: Маја Јаневска-Илиева

По подолго време, повторно решивте да го јавнете музичкиот ат. Зошто толку време ве немаше на сцената и воопшто во јавноста?
- Одреден период ме немаше на сцената затоа што три и пол години престојував во Дубаи, така што физички бев отсутен од Македонија, но и покрај тоа моите песни се вртеа низ програмите на електронските медиуми. Доаѓав на кратко време во Македонија и во неколку наврати имав и неколку самостојни концерни настапи, меѓу кои во Сули-ан, потоа настапив на Скопско културно лето, имав самостоен концерт со наслов Јано мори, со една нетипична програма за мене, со десетина изворни народни песни плус една авторска Има ли песна од мојот драг пријател Љупчо Трајковски-Фис. Во декември 2014 година свирев на ревијалната вечер на Рок Фест, каде што ја изведов рок-поемата Седумте пеења на пророкот, која ја напишав токму во Дубаи, на текст од триесет строфи, кои ми ги испрати мојот уметнички „сијамски близнак“ Љубомир Грбевски-Џери. Исто така, доаѓав секој 5 јануари и се капев во Треска за да не ја прекинам традицијата. Но сега сум тука и, од полноќен бедуин, повторно сум полноќен каубој.

Ве нарекуваа македонски Боб Дилан, македонски Леонард Коен и слично. Зошто овој концерт го конципиравте во електрична верзија, каде што ќе бидете придружуван од рокенрол-бенд?
- Јас сум во суштина рокер и мојата прва љубов и мојата прва средба со музиката е токму рокенролот. Точно е дека долго време концертно настапував сам со гитарата, во еден трубадурски, unplugged манир, но, од друга страна, моите песни од албумите се снимени токму во електрична верзија, придружувани со 220-волтна банда. Токму и затоа, по подолго време, се враќам на извориштето и песните ќе ги исполнам во оние аранжмани какви што луѓето ги познаваат од студиските снимки.

Дали ова е првпат да одржите концерт во рокерска формација или и претходно сте настапувале во ваква варијанта?
- Секако дека не е првпат. Во почетокот на 1980-тите, токму во просторот во киното Фросина го имав мојот прв самостоен концерт придружуван од членовите на некогашната група Чуден крој и настапив под името Јаков и пријателите. Еден период, не многу подоцна од тоа, исто така имав рокерска дружина Јаков бенд, со која направив и неколку снимки. Инаку, лани имав настапи со сегашната дружина на Виноскоп, па на Пиволенд во Скопје, па настап во Крушево на Гитар фест...


На снимките од студиските верзии на песните од вашите албуми учествуваат и некои од великаните на македонскиот рокенрол, како Влатко Стефановски, Кокан Димушевски, Данаил Дарковски, Тоше Попсимонов, Тања Станковиќ... Во каква формација е сегашниов Jakov & The Band?
- Сега сме доста возрасни и секој од нас е со своите обврски и кариери (само Rolling stones се постари од нас), така што не е можно да се соберат на едно место во исто време овие исклучителни луѓе. Само Дарко од нив е во сегашната постава. Имено, тој е и мозокот на бендот. Во репертоарот за концертот на 14 февруари има неколку негови песни, а негови се и аранжманите и конечно сега ќе свири и на бас-гитара. Покрај него, во групата е и Трајче Органџиев на клавијатури, потоа Спиро Здравески на тапани, како и гитаристот Владимир Чадиковски, кој наедно е најмладиот член од групата. Тој е познат скопски рокер и студиски музичар, кој е и професор по гитара. Како придружни вокалистки на концертот ќе настапат Ана Костадиновска и Сара Николовска.

ФОТО: Маја Јаневска-Илиева

Покрај вашите фаворити Midnight Cowboy, Скитник, C'est la vie, Темен ерос, што друго од вашиот музички опус ќе биде изведено на концертот? Ќе има ли нови песни, бидејќи на радијата и на youtube веќе се појавуваат песни како Јаков е крив за сè, Некој те украде, Сликар, Полифем...?
- Ќе бидат отсвирени речиси сите песни од албумите C'est la vie и ЕААААА, како и некои нумери што не се на носач на звук. Песните што ги споменавте, кои што се појавија на youtube, се од поодамна. Сликар, која е напишана од Дарко, е една од моите први песни снимени за радио, од времето на Скитник, потоа Полифем е песна што се наоѓа на мојот прв албум. И тие се во актуелниов репертоар. Јаков е крив за сè е завршна песна од мојот втор албум. Таа сега е преработена и ќе се користи како еден вид најавна и одјавна шпица за концертот, односно нема да се изведува во живо. Од овие што ги набројавте, само Некој те украде е новореализирана, снимена со Jakov & The Band, иако е дамнешна песна на Дарко, ама, ете, не доаѓаше ред да ја ставиме на носач на звук, иако и таа песна сум ја изведувал во живо, заедно со Зорица Поп Панкова на некои неформални свирки и настапи.

ФОТО: Александар Ѓорѓиев

Ќе има ли од концертов некаков запис, аудио или видео?
- Секако дека ќе има, и тоа и аудио и видео, но најпрво треба добро да помине концертот и да сме живи и здрави. Откако ќе заврши целата оваа фрка, ќе го преслушаме, ќе го разгледаме, ќе го анализираме, па ако сме задоволни ќе го обнародиме.

Зарем не се чувствувате престар за рокенрол, премлад да се умре?
- Ми се допаѓа оваа парола од групата Jethro Tull, која стана еден вид незаобиколна синтагма во рокенрол-митологијата. Не воопшто не се чувствувам престаро, за среќа сè уште имам оган во себе.