Wednesday, February 27, 2013

ИНТЕРВЈУ: Кирил Џајковски


Објавено во „Екран“ на 25.10.2001




Нема поубава работа од спој
меѓу пријателство и креативен труд



По промоцијата на саундтракот Прашина што се случи деновиве во Музејот на современа уметност во Скопје, логично беше да направиме еден „домаќински“ муабет со Кирил Џајковски, авторот на оваа музика. Но, поради неговата презафатеност „домаќинскиот“ муабет моравме да го оствариме со посредство на e-mail...


Што за тебе како автор на музика значи саундтракот Прашина?
- Правењето на музиката за Прашина беше навистина фасцинантно искуство. Од самата подготовка, до снимањето со оркестар во Лондон и постпродукцијата на звукот и сликата, беше еден голем креативен предизвик на кој му се предадов во целост. Јас и порано имав работено применета музика, но ова е мој прв проект од оваа величина и важност. Крајниот резултат е еден голем филм за што се гордеам дека сум дел од него.

Како е да се соработува со Милчо Манчевски сега, за разлика од времето кога соработувавте во групата Бастион, особено на проектот Врелите ноќи во Мексико?
- Во музички термин тоа тогаш можеби беше една етида, а ова денеска е симфонија. Тоа се однесува само на обемот на работата. Во смисла на комуникација и во смисла на креативно размислување временска дистанца мислам дека воопшто не постои. Милчо е инспиративен автор, неговото влијание и тогаш и денес е извонредно искуство, а во исто време наполно нормално и спонтано. Ние и приватно се дружиме и нема поубава работа од спој меѓу пријателство и креативен труд.

Како дојде поканата од Милчо за пишување музика за филмов?
- Милчо едноставно ми го даде сценариото да го прочитам и ме замоли да напишам некоја тема врз основа на тоа. Јас напишав две, од кои едната подоцна стана главна тема во филмот. Се` тргна од тоа...

Во која насока ќе оди понатаму твоето музичко вјерују, по Synthetic Theatre, Homebound, Religion & Sex и конечно Прашина?
- Моето следно издание веројатно ќе биде музика од театарски претстави на кои досега сум работел. Мислам дека тоа е еден многу интерен и шаренолик материјал кој повторно ќе понуди некоја поинаква варијанта од она што сум го работел во минатото.


Што значи во конкретна, комерцијална смисла за тебе, партиципирањето со една нумера на француското компилациско издание Dynamik, на француската издавачка куќа Vital Song, за што конкурираа стотина музичари од Источна Европа, а се квалификуваа само девет, меѓу кои и ти? И, наедно, што значи за тебе што Virgin Records ја откупи лиценцата за саундтракот Прашина?
- Драго ми е што се појави еден мој ремикс на таа компилација. Такви изданија секогаш помагат во додатната промоција и презентирање на она што го работам. Инаку, наскоро треба да се појават на европскиот пазар уште две компилации на кои се вклучени и мои композиции. Едната се вика Music for dreams и ја издава Данската филијала на EMI, а другата би требало да биде компилација што ја презентира DJ Pathaan, диск-џокеј од Лондон, кој истовремено и пишува за лондонското списание DJ.
Фактото што Virgin ќе го дистрибуира саундтракот на Прашина значи дека цедето ќе го има во сите земји каде што ќе се прикажува филмот. Таа синхронизација со филмот е многу битна за да се овозможи и навремено презентирање на музиката од филмот.

Зошто го направи кафулето Бастион? Поради некаква скопска „чивија“, од комерцијални причини или од некакви други боемски причини... ?
- За тоа се виновни моите пријатели. Јас не бев сигурен за таа идеја, но тие некако ме убедија и еве сега навистина ми е драго што имам каде да уживам во прекрасната есен.

Твојата некогашна колешка од Бастион, Ана Костовска, по години поминати во Суботица конечно се врати во Скопје. Мислиш ли на некаква повторна соработка со неа?
- Зошто да не? Ана е многу талентирана и креативна личност. Таа има прекрасен глас и ако има време и услови, јас сум секогаш отворен за повторна соработка.


Соработуваше со Горазд Чаповски и неговиот бенд Кисмет, помина некое време како член на Леб и Сол, соработуваше со уште едно чудо музичари од некогашна Југославија... Со кого имаш најубави искуства, музички и човечки?
- Сите тие искуства преку соработката со разни музичари се драгоцени. Сите луѓе што ги споменуваш се одлични музичари и многу интересни луѓе. Нашето дужење и заедничка работа е едно мноштво спомени, искуства, доживувања... Тешко е да се издвојат посебни моменти.

Деновиве практично си недостапен за новинарите, работиш во студио... Можеш ли да откриеш што снимаш?
- Во студиото Видеолаб, го завршуваме третиот видеоспот со филмски материјали земен од Прашина. Мислам дека тоа на еден убав начин ќе го заокружи визуелното презентирање на музиката од филмот.

Како врз тебе како уметник влијае сегашнава политичка ситуација во земјава и како се снаоѓаш во сето тоа?
- Се обидувам тоа да не влијае врз мене. Дури и обратно. Во такви услови уметноста треба да влијае, да го ублажи тоа негативно влијание врз луѓето што го создава дневно-политичката ситуација. Не само како форма на ескапизам, туку и да ги потсети луѓето на убави работи.

Остануваш ли во земјата на своите предци или гледаш побрзо да „збришеш“ надвор...?
- Јас никогаш не сум ни чуствувал дека сум ја напуштил својата земја. Извесен период само сум бил физички отсутен. Јас и понатаму ќе патувам и понекогаш нема да ме има овде, но тоа е само дел од работата. Просторот од кој потекнуваш живее во тебе и го носиш и на крајот на светот.


Wednesday, February 13, 2013

INTERVIEW: Al Di Meola

Објавено во „Нова Македонија“ на 11.11.2008



Не може да се научи 
да се чувствува музиката


Al Di Meola е култна личност, кој придонесе за креирањето на сосема поинаков начин на свирење гитара. Со само 19 години беше рамноправен член на легендарниот џезрок-состав Return to Forever, во кој свиреше заедно со пијанистот Chick Corea, басистот Stanley Clarke и со тапанарот Lenny White. Иако во групата беше релативно кратко време, сепак тој е потпишан како автор на најбитните албуми на Return to Forever, како што се Where Have I Known Before, No Mystery и Romantic Warrior. По заминувањето од групата, ја почнува соло-кариерата, која ја гради свирејќи акустична гитара, а музиката ја базира на фламенкото и тангото, испреплетувајќи го со многу џез-елементи. Повод за ова ексклузивно телефонско интервју е настапот на Al Di Meola во Скопје, на 16 ноември, во Универзалната сала. Овој настап е во рамките на неговата светска турнеја на која го промовира музичкиот проект World Simfonia.


Македонската публика ве памти уште од 1997 година, кога свиревте на Скопскиот џез-фестивал. Се сеќавате ли на тој концерт и кои се впечатоците од него?
- Се сеќавам дека имаше одлична публика. Бев топло примен од македонската публика. Тоа беше една добра музичка вечер. Тогаш еден музичар ми подари еден од жичените национални инструменти што се користат во регионот, на кој не му го памтам името и, навистина, се срамам поради тоа. Можеби вие можете да ми помогнете кога ќе дојдам во Скопје.

Она што денес го свирите се разликува од вашите почетоци во групата Return to Forever. Што е тоа што ве натера да посегнете кон латино-звукот или сметате дека тоа е само некоја понапредна варијанта на Return to Forever?
- Па, во текот на мојата работа со латино-музиката сфатив дека се отвораат многу повеќе можности за игра со латино-ритмите во ворлд-музиката отколку со електронската музика. Акустиката е многу покомплицирана и дозволува многу играња и промени. Таа нуди многу повеќе можности за работа, бидејќи сега имаме многу рефлексии на танго, измешани со светска музика, а сето тоа бидејќи акустичната гитара дава многу поголемо поле за игра од електричната.

Кои се искуствата од Return to Forever што ги пренесовте во вашата соло-кариера?
- Имав голема инспирација, која ми беше пренесена од Chick Corea, еден од најголемите музичари на сите времиња, но исто и одличен композитор, кој ми ја пренесе лекцијата на компонирањето и важноста на добрата композиција. Тој имаше огромно влијание и на мојот пристап кон компонирањето и токму тоа придонесе да станам многу поинструментален.

Кои се вашите најубави моменти со Return to Forever? Можете ли да издвоите некои?
- Изненадувачки, но мислам дека најдоброто шоу што го изведовме низ Европа беше во Белград, во вашето соседство. Но интересно е тоа што токму таму најмалку користевме своја опрема, па моравме да импровизираме.


Ќе може ли македонската публика на концертот на 16 ноември да чуе нешто од репертоарот на Return to Forever?
- Овој пат ќе биде поинаку, затоа што на овој концерт ќе свирам песни од мојата соло-кариера. Но ќе има музика со која присутните ќе можат да се поврзат со музиката на Return to Forever.

Секогаш сте успевале да искомбинирате многу стилови, а најмногу сакате да експериментирате со латино-звуците. Како ви успева тоа, а притоа да не звучи веќе познато и досадно?
- Секогаш сум сакал да искомбинирам различни елементи за да создадам нешто што ќе биде оригинално. Сакам кога музиката што ја правам има многу душа во себе.

Вашата гитаристичка техника инспирира многу светски гитаристи, а некои ги натера да потрошат многу часови совладувајќи ја. Која е тајната што многумина и ден-денес не можат да ја откријат?
- Тоа е тајна, а бидејќи е тајна, не можам да ви ја откријам.

Од скопскиот концерт на 16 ноември 2008, во Универзалната сала.
Фото: Игор Бансколиев

Во ред, тогаш кажете ми како успеавте да ја создадете вашата специфична техника на свирење?
- Кога станува збор за ритамот имате вродена способност да го свирите, бидејќи сте родени со него. Некои луѓе тоа го имаат повеќе во себе, некои помалку, а некои никогаш нема да го имаат. Од друга страна, кога станува збор за хармониите и за другите аспекти на музиката тоа е нешто што во секое време можете да го научите. Но не можете да научите да ја чувствувате музиката. Тоа е способност што се стекнува многу рано, можеби дури и пред да почнете да зборувате. А кога ќе откриете дека тоа можете да го правите во ритам, тогаш можете да ја однесете музиката на ново ниво. Другото е само механичко, односно постојано вежбање, а се разбира и емоциите што луѓето ги имаат влијаат и на типот на техниката што ќе ја прикажат.

Сте соработувале со големи пијанисти како Chick Corea и Gonzalo Rubalcaba. Колку нивниот квалитет придонесува за развојот на вашата музика?
- Дефинитивно Chick Corea најмногу влијаеше на мене, бидејќи тој не е само феноменален изведувач, исто како и Gonzalo Rubalcaba. А особено кога станува збор за нивната способност да свират ритмично. Ретко кои инструменталисти можат да го достигнат нивното ниво. Исто така, Chick е многу силен кога станува збор за композицијата, а тоа е многу ретка способност. Има многу музичари што се добри како инструменталисти, но нема многу големи и славни композитори. Тоа е способност што или ја имаш или ја немаш.

Освен со пијанисти, сте соработувале и со врвни гитаристи. Со Paco de Lucia и со John McLaughlin направивте еден од најдобрите албуми, а вас тројцата ве нарекуваат гитаристичките „три тенори“. Колку тој проект е значаен за вас и за светската музичка сцена?
- Тоа беше одлично, затоа што беше првиот голем успех постигнат со три акустични гитари на тоа ниво. Ние бевме првите што накалемивме фламенко во џез-музиката, и тоа беше нашиот голем придонес на музиката. Но кога бевме на сцената, тоа што публиката најмногу сакаше да го види беше натпреварот меѓу нас. Тоа беше елементот што создаваше вистински силна атмосфера, а исто така нe` тераше и да растеме и постојано моравме да бидеме сe` подобри и подобри. Со таква група никогаш немаше време за одмор.



Албумот Consequence of Chaos од 2006 година беше вашиот прв албуми по десетина години на кој повторно свирите електрична гитара. Што беше инспирација за овој албум и што ве натера повторно да засвирите на електрична гитара?
- Па во меѓувреме многу пораснав како композитор, а што се однесува до инспирациите тие најчесто доаѓаат во мојот дом на плажа во Мајами Бич. Наутро ги отворам вратите и го слушам океанот и разгледувам секакви нови идеи за мојата музика. И во основа по многу години електричната гитара првпат ми се виде како израз што кај мене може да внесе нова свежина. Токму поради тоа и се вратив, бидејќи за мене таа дава сосема свеж и нов звук.

Колку што ми е познато, вашата прва љубов била хармониката, потоа тапаните, па дури подоцна гитарата. Зошто ја одбравте токму гитарата како инструмент преку кој на светот ќе му ги презентирате вашите музички идеи?
- Кога првпат почнав да свирам гитара, електричната гитара беше нова и многу популарна. Таа даваше многу привлечен звук и кога првпат фатив електрична гитара во рацете, се чувствував како мало дете. Тоа беше инструмент на кој едноставно сакав да свирам. Хармониката беше многу поинтересна за свирење, но сега во моментов таа е само еден многу убав инструмент. Многу сум среќен што со мене во Скопје ќе дојде и одличен хармоникаш.

Дали уште свирите на хармоника?
- Не воопшто не свирам на тој инструмент. Тоа е веќе минато. Гитарата многу одамна е мојот животен инструмент.


Monday, February 4, 2013

INTERVIEW: Laetitia Sadier


Објавено во „Нова Македонија“ на 02.06.2012




Има уште од моето вистинско „јас“
што може да се истражува



     Француската музичарка Laetitia Sadier, која долги години живее и работи во Англија, во светот стана позната по својот препознатлив и впечатлив вокал во култниот француско-англиски постпанк-бенд Stereolab. Групата беше инспирирана од лаунџ-поп, боса нова, краутрок и од филмската музика, а хипнотичкиот вокал на Sadier и нејзините „левичарски“ текстови играа значајна улога во оригиналноста на нивната звучна слика. Кога Stereolab одлучи да паузира, во 2009 година Sadier почна да работи на својот прв соло-албум The Trip, прикажувајќи го својот воздушесто-сензуален вокал низ еден сет од длабокоинтимни песни.
     Препознатливиот глас на Sadier, во текот на годините, се појавува и во песните на многу музичари и бендови, вклучувајќи ги Blur, Mouse on Mars, Atlas Sound и многу други.
На 3 јуни таа ќе настапи на годинешното издание на Оф-фест, каде што ќе се претстави со материјалот од својот албум The Trip, но и од новиот Silencio, кој треба да се појави за еден месец.



Колку и да не сакате, луѓето секогаш ќе ве поврзуваат со Stereolab. Кажете колку албумите од времето на проектот Monade, како и од соло-кариерата The Trip и новиот Silencio што треба да излезе во јули, се разликуваа од тоа што го работевте со Stereolab?
- Тоа што се наоѓа на Monade, како и на соло-албумите, многу повеќе ме отсликува како личност отколку во Stereolab, затоа што во тој бенд мојата улога, пред се`, беше во текстовите и во изведбата. Сега јас одлучувам и сама сум одговорна за сето тоа што ќе го сработам. Многу повеќе се забавувам кога имам повеќе обврски и моќ за одлучување.

На што обрнувате повеќе внимание сега, на текстовите или на музиката, затоа што во Stereolab предност имаше мелодијата во однос на текстот?
- Се фокусирам на секој аспект на создавање на албумот и на неговата изведба. Ми требаше извесно време да дојдам до таа одредена точка, но некако мислам дека од последниот албум наваму сум поспособна да го тргнам вниманието од музиката и да се концентрирам на текстовите, а во исто време да го контролирам квалитетот на музиката. Секако, тука не се во прашање само музиката и текстовите туку и да се најдат добри луѓе за соработка. А јас, еве, гордо изјавувам дека ги најдов. Сепак, мислам дека има уште од моето вистинско „јас“ што може да се истражува, настрана од музичката школа на Tim Gane, која ја следев 20 години.

Некои од текстовите на The Trip се инспирирани од вашиот живот, а тоа особено се чуствува во песната One Million Year Trip. Мислите ли дека треба да се споделуваат личните и интимни искуства со остатокот од светот?
- Искуството е секогаш лично до одреден степен. Тоа што сум имала да го споделам, всушност, е искуство низ кое поминале повеќето луѓе во својот живот. Не постои нешто со што некој би требало самиот да се соочува или, пак, од што би требало да се срами. Животот си носи моменти на среќа и на трагедија, а кога некој ќе ги најде опишани во книга, изразени преку музика или, пак, во некоја друга форма на уметност, може да постигне прекрасен катарзичен ефект. Тоа може да помогне да се искажат емоции, кои поради својата болна природа остануваат заробени во душата, умот или во телото. Според мене, тоа е една од основните функции на уметноста.



Ако The Trip беше еден вид рефлексија на вашиот живот, тогаш во која насока ќе се движи Silencio?
- По се` изгледа дека Silencio некако полека зазема политичка насока. Поминуваме низ силен транзициски период, во кој се` повеќе луѓе сфаќаат кои сили всушност не` водат. Пред се`, тоа се финансиите, давањето приоритет на парите во однос на добросостојбата на жителите на оваа планета. Овој свет го водат луѓе што, за да може полесно да владеат, влеваат страв кај населението. Ова накратко се темите што ги истражувам во Silencio.

Ми се чини дека генерално во албумите што се објавуваат во изминативе години преовладува мрачна меланхолија. Кажете ми колку глобалната економска криза, која владее овие години, влијае врз вас и воопшто на светската музичка сцена? 
- Откако паметам ние влегуваме од една во друга криза. За оваа велат дека ќе биде пораспространета и ќе предизвика поголема сиромаштија. Тоа што јас го забележувам е дека луѓето во Америка се подобро платени од тие во Африка или во Азија. Исто така постои согласност меѓу работодавците да се намалат платите на европските работници, за да можат повеќе да експлоатираат, да даваат помалку пари во јавниот сектор и повеќе моќ за приватниот сектор. Токму поради овие работи човек не може а да не биде меланхоличен. Јас сум оптимистка и се верувам дека има начини луѓето да се инспирираат, да ја земат судбината во свои раце и сами да ја испланираат својата иднина.




На новиот албум повторно соработувате со Tim Gane. Која е овој пат неговата улога? Ќе можете ли да избегате од атмосферата на Stereolab и да направите албум со свој печат?
- Го замолив Tim да напише една песна за мојот нов албум и многу сум среќна поради тоа. Не би сакала да ја ставам својата работа спрема неговата, туку повеќе би сакала да вклучам некои негови ставови во мојата. Ние не сме непријатели. Се надевам дека, и покрај тоа што има песна од Tim, Silencio е свеж албум, кој повеќе ме карактеризира мене.

Иако по потекло сте Французинка, во вашата музика се чувствуваат примеси на брит-поп, германскиот краутрок и, секако, француската шансона. Во која категорија всушност спаѓате вие?
- Навистина не знам во кој жанр спаѓам. Можеби најмногу како термин би одговарала поп-музиката, но мојата цел првенствено е да звучам уникатно, а не како некои од овие жанрови што ги наведувате.