Friday, April 24, 2015

ИНТЕРВЈУ: Митко Гаштаровски - Пикисипи (САФ)

Објавено во „Нова Македонија“ на 24.04.2015 
 
 
 
Ќе ги задоволиме критериумите на сите
што беа дел од приказната




Иако одамна се музички пензионирани, Смилен Димитров, Гоце Трпков и Митко Гаштаровски, познат како Пикисипи, по подолго време повторно ќе настапат заедно пред домашната публика, а средбата е закажана за вечерва, во петтата хала од Скопскиот саем. 


Смилен, Гоце и Пикисипи од хипхоп-триото САФ во домашната музичка сцена важат за родоначалници на македонската хип-хоп и рап-култура и, заедно со своите малку постари колеги од Чиста околина, во која членуваше и Пикисипи, го трасираа патот на една подземна и наедно урбана култура. Со само еден албум САФ се издигна на највисокото музичко место во државава, оставајќи ги во наследство своите стихови „Хипхоп дами и господа“ и „Раце горе за вистински рапери“, кои станаа синоним за групата. Годинава се навршуваат 15 години од објавувањето на албумот Сафизам, кој ги помести границите не само во Македонија туку и на целиот Балкан.

Зошто решивте да правите концерт токму сега, имајќи предвид дека веќе подолго време ве нема на сцената како САФ, а наедно двајца од вас подолг период живеат надвор од државава?
- Јас сум човек што ги забележува битните датуми од мојата кариера, со што практично правам една ретроспектива на мојот живот. Се сетив дека оваа година се навршуваат 15 години од објавувањето на Сафизам и дека е одличен момент да направиме еден осврт на тоа што сме го правеле некогаш. Бев изненаден што моите другари и партнери од САФ веднаш ја прифатија идејата. Едноставно сакавме да направиме една мала приватна забава со која ќе го одбележиме датумот. Решивме тоа да биде Младинскиот Кулитурен Центар, затоа што тоа место за нас има посебен шмек, затоа што таму сме израснале и САФ е многу поврзан со МКЦ. Но бевме изненадени колку публика беше заинтересирана за концертот, па затоа моравме да го преместиме на Скопскиот саем. Со тоа мислам дека ќе ги задоволиме сите вкусови и критериуми на генерациите што беа дел од приказната на САФ, кој, пак, влијаеше за развојот на новата и помлада генерација македонски рапери и хопхопери.

Дали концертот ќе биде само една ретроспектива на САФ или ќе биде најава за ваше враќање на сцената?
- Ова е одбележување на 15-годишнината од објавувањето на нашиот албум Сафизам. На концертот ќе има и повеќе гости, кои ќе ја збогатат атмосферата. Иако ние сме првите пензионирани рапери во Македонија, лично сум многу пријатно изненаден од целата оваа ситуација околу концертот и од големиот интерес што се појави кај публиката. Се надевам дека овој настан ќе иницира некои нови моменти за понатамошна креација, односно нови песни или албум.

Значи ли тоа дека наскоро може да очекуваме нов албум на САФ?
- Најпрво треба да помине концертот, да ги сумираме импресиите и да видиме што ќе правиме понатаму. Инаку, пред да заминам за Прага, ние веќе го подготвувавме новиот албум, кој имаше работен наслов Сафир. Тоа беше моментот кога јас и Гоце одлучивме да продолжиме како дуо, без Смилен, кој во тоа време веќе живееше во Данска. Но бидејќи по кратко време и јас заминав од Македонија, отидов во Прага, каде што живеев повеќе години, и таа дуо-комбинација и албумот останаа во некаква работна верзија.


Поминаа точно 15 години откако го промовиравте Сафизам, кој многумина го сметаат за култно и многу значајно издание за македонската хипхоп-сцена. Како вие како автори гледате од оваа дистанца на ова издание?
- Можеби ќе звучи претенциозно, но ние знаевме дека албумот ќе биде добар, затоа што во тоа време хипхопот во Македонија немаше некакви претензии да стане многу популарен. Јас лично верувам во САФ и во тоа што го правевме, затоа што ние во бендот сме биле многу искрени еден кон друг, но исто така бевме искрени и со публиката. Ние толку многу се трудевме да направиме нешто што е квалитетно и што може од продукциска страна да стои рамо до рамо со тоа што нè инспирирало, со изведувачите и музиката што доаѓа од Големото јаболко. Едноставно Сафизам е еден вид рефлексија на тоа што се нарекува американска хипхоп-фреквенција, која ние сме ја прифатиле, обработиле и сме ја приспособиле за овдешни услови, со овдешни проблеми. Инаку, во 1998 година, светската издавачка куќа Polygram требаше да отвори своја подружница на Балканот. Ние добивме понуда и потпишавме преддоговор за издавање на албумот под нивната етикета, што доволно кажува за квалитетот на албумот. Но, за жал, поради воените дејства во Косово и во Србија, во 1999 година, Polygram се повлече од Балканот, така што албумот остана во фиока. Две години подоцна со помош на одредени организации, пријатели и грантови успеавме да го објавиме, кој сега по 15 години се смета за култно издание.

Friday, April 3, 2015

ALBUM REVIEW: To Unknown - Skyrise

Објавено во „Нова Македонија“ на 03.04.2015





Патот кон непознатото е
неконвенционално решение за промена



Ретки се музичарите што можат квалитетно да пловат низ различните правци, а да се дрзнеш да правиш музика што е сосема различна е навистина храбар потег. Таков е случајот со построк-квартетот Skyrise, чии членови се дел од пошироката постава на реге-составот Conquering Lion. Деби-изданието на Skyrise, наречено едноставно To Unknown, е доказ дека креативноста доаѓа од срцето, а не од мозокот, што всушност е и едно од оние непишани правила без оглед за каков вид уметност станува збор.
Skyrise со својот албум To Unknown ја претставува новата македонска рок-надеж, која со сигурни чекори гази напред, рушејќи ги стереотипните бариери за тоа како се прави музика и како тоа треба да звучи. Слично како и нивните генерациски колеги, Foolish Green, кои пред две години го објавија албумот Escape, така и Skyrise со своето деби-издание нудат модерен гитарски звук, каде што се чувствуваат примеси од новото време.



ИЗВЕДУВАЧ: Skyrise

АЛБУМ: To Unknown
 
БРОЈ НА ПЕСНИ: 9

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 40 минути

ЖАНР: меланхоличен построк

ПРОДУЦЕНТ: Гоце Симоноски

ИЗДАВАЧ: Password Production
 
ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 12.12.2014

ОЦЕНКА: 4


Атмосферата на To Unknown е лежерна, но од друга страна многу моќна. Токму таквата комбинација дава реална слика на начинот на живот и на начинот на размислување на музичарите, кои преку музиката посегнуваат по неконвенционалните решенија за промена. Психоделичните звуци и мрачната атмосфера, што умешно се кријат за здравите гитарски делници, се уште еден доказ дека Skyrise е бенд што работи според моменталните чувства, а не според некои наметнати правила. Сликата на To Unknown ја комплетира и силната лирика, која, за жал, е на англиски јазик. Доволно е да се споменат насловите на песните, како We Never Say Goodbye, The Fight или The Day You Were Right, за да се разбере дека тука не станува збор за некаков розов сон, туку за тешка борба.
Сè на сè, To Unknown, исто како и Escape, е најава за она што треба во иднина да се работи на ова поднебје, иако можеби некому ова нема да му се допаѓа затоа што има искрена и храбра порака.