Saturday, March 30, 2013

ALBUM REVIEW: Escape - Foolish Green

Објавено во „Нова Македонија“ на 30.03.2013






Шлаканица за непослушните


Објавувањето деби-албум секогаш носи возбуда, но и страв кај тие што ја создаваат музиката, но и кај публиката. Возбудата кај авторите е поради тоа што се впуштаат во нешто што дотогаш не го правеле, а стравот - затоа што влегуваат во една поинаква матрица. Слушателите, пак, имаат друга перцепција. Стравот кај нив повеќе е скепса и неверување во квалитетите на луѓето што секојдневно ги сретнуваат на улица. Ова особено важи за нашето поднебје. Но, и покрај тоа, домашните млади автори не отстапуваат од своите идеи, туку цврсто газат по непороодниот пат, со директно вперен прст кон неправдите и зборувајќи на мегафон како предводници на бунтовничката генерација. Тоа го докажува и групата Foolish Green, со својот албум-првенец Escape, во кој нагласено се чувствува неправедната борба и спиритуалното бегство од реалноста.


ИЗВЕДУВАЧ: Foolish Green

НАСЛОВ НА АЛБУМОТ: Escape

БРОЈ НА ПЕСНИ: 12

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 48,17 минути

СНИМАН: 2011/2012 г.

ПРОДУЦЕНТ: Ненад Стефановски

ЖАНР: психоделичен рок

ИЗДАВАЧ: Password Production

ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 28.02.2013



Во овој 48-минутен материјал, поделен на 12 песни, лидерот и идеен творец Ненад Стефановски-Брус, се обиде и направи нешто што и на многу поискусни музичари не им успеало. Тој и другите од бендот изградија свое прибежиште во кое нештата се случуваат поинаку, а од минималниот визир го гледаат светот од поинаква перспектива. Психоделичната атмосфера што преовладува во албумот е уште еден доказ за тоа како една загубена генерација го восприема тоа што некој им го наметнувал со години. Всушност, во овие 48 минути е запишан процесот на вонтелесната репродукција на квазихуманоидите што владеат со светот и непронаоѓањето решение за нивно уништување и искоренување. Таквата апокалиптична и психоделична атмосфера се чувствува во песните Sun is gone, Faux, Fade away и Thousands years of sorrow. Но Foolish Green не е група на млади и зелени, напротив, тоа се луѓе со изграден став, самодоверба и голема борбеност што ја прикажуваат во пените Let me out и Magnum 44. Секако тука има и теми со љубовна тематика, како што се Lover doll, Laika, Dont need no love, каде што повторно во заднина се чувствува скриена тага, болка и барање излез од оловните окови на љубовта.
Од музичко-техничка страна, албумот едри на ветрот на британскиот звук, каде што се испреплетуваат психоделијата од 1960-тите и 1970-тите години од работилницата на Pink Floyd и етеричниот период на The Beatles, потоа гитарската школа од 1980-тите, комерцијалниот брит-поп од 1990-тите години и инди-звукот на новото столетие. И сето тоа спакувано во финален продукт со искрена и непретенциозна желба за подобро утре.
Албумот Escape можеби најдобро си го опишаа самите автори, кои на неговата корица го испишаа цитатот на Франц Кафка: „Постојат безброј прибежишта, но само едно бегство. Но има толку можности за бегство колку што има и прибежишта“.
За македонската рок-сцена Escape претставува фрлена ракавица кон музичките неверници. Секој што ќе го прифати двобојот ќе добие подарок, а непослушните шлаканица.



No comments:

Post a Comment