Tuesday, October 28, 2014

Наместо интервју: fuck'n'roll муабет со Давор Гобац

Објавено во „Екран“ на 05.09.2002





Не ги мразам Американците,
ама повеќе ги сакам нивните долари



На годинешново издание на музчкиот хепенинг No Borders што се случи минатата сабота, на 24 август 2002 година настапија и старите познајници на скопската публика Psihomodo Pop. Разговорот со нивниот лидер и пејач Davor Gobac е правен утредента, по настапот, во еден манир на fuck'n'roll муабети...


Како го оценувате својот настап на No Borders 2002 и воопшто самиот фестивал како и реакцијата на публиката кај која сте веќе стари познајници, со оглед на тоа дека последниве неколку години во Скопје сте настапувале повеќе пати?
- Јас бев многу задоволен, затоа што одлично се чувствуваме. Едноставно супер. На концертот имеше многу луѓе. Јас лично се изненадив како нè прими публиката. Знаев дека овдешните луѓе знаат за нас, иако веќе две години не сме биле тука од нашиот последен настап на Скопје Гори во 2000 година. Што се однесува до фестивалот No Borders, на кој свиреа бендови од десетина земји, тоа навистина ми се допадна. Одлично. Јас сум за. Само дај боже да има повеќе такви фестивали.

На фестивалот имаше групи од десетина европски земји. Мислиш ли дека има квалитетни бендови кои може да се носат со англиските, затоа што Англија прави хиперпродукција и не признава ништо освен своето?
- Од овие бендови кои ги чув тука, Бугарите Wikeda беа многу симпатични, добри беа и Германците, Французите... Сè на сè cool. Драго ми е дека има такви бендови. Мислам дека низ целиот свет има одлични бендови само треба се најдат. Англиските бендови се во предност само затоа што имаат повеќе пари, имаат подобар маркетинг... Насекаде има одлични бендови од кои човек може да се изненади.

Нели ви пречеше што фестивалот траеше долго, речиси 12 часа, а згора на тоа и времето не се погоди?
- Да, свирката траеше многу долго, па згора на тоа почна да врне и дожд, но сепак публиката остана крај сцената. Никој не го напушти теренот. Публиката беше супер, затоа што ги бодреше тие што тие што настапуваа во моментот кога врнеше.

Зошто се нарекувате Psihomodo Pop, а на Psihomodo Rock?
- Уф... Тоа ние го направивме многу од дамна. Името го дадовме во 1983 година, значи пред 19 години. Psihomodo затоа што така се вика албумот на Steve Harley од групата Cockney Rebel, а ние во тоа време многу го слушавме и многу ни се допадна тоа Psihomodo, затоа и го земавме. А зошто Pop? Поради Iggy Pop, ха, ха, ха ... Тоа не е како поп-музика, како нешто испеглано, слатко, ами повеќе како поп-арт. Тоа е многу убав збор.

Што има ново на дискографски план во Psihomodo Pop и какви се концертните планови на бендот во блиска иднина?
- Ова лето свиревме многу. Свиревме во Словенија, во Хрватска и еве сега сме во Македонија, навистина многу свиревме. Сега, во септември мислиме да се собереме и да работиме малку на нови песни. Јас би сакал тоа да биде готово на пролет. Бидејќи наредната година е дваесет годишнина на Psihomodo Pop, па би било убаво, покрај новиот албум, кој се надевам дека ќе го завршиме, да издадеме и еден компилациски, Greatest Hits албум. Иако сме малку мрзливи, се надевам дека ќе успееме во нашата намера. Од нашиот последен албум кој се вика Debakl, поминаа две години, и редно е на публиката да и понудиме некое ново издание. Сега кога ќе се вратиме дома, би требало да ние е готов спотот за песната Ljubav, ljubav, кој ќе биде анимиран. Тоа всушност ќе биде еден вид цртан филм. Спотот ни го правеа едни пријатели во компјутерската програма Maya, со кој е правен и филмот Shrek. Мислам дека тоа ќе биде прв таков спот на овие простори. Откако ќе направиме промоција на спотот во Загреб, јас имам план заедно со целиот бенд да отидеме на осторовот Шолта, во близина на Сплит. Јас таму имам куќа, и ќе отидам со бендот едно десетина дена, да се одмориме малку и да почнеме со работа. Сега таму е мирно, туристите си заминаа, а и виното таму е многу убаво...

Колку навистина ви е потребна молитва од типот Bože Čuvaj Psihomodo и дали воопшто им е потребна молитва на рокенролерите од некогашните југословенски простори?
- Ха, ха, ха... Нашата песна која ја спомена Bože Čuvaj Psihomodo, всушност ние ја преработивме. Таа во оригинал е од Sex Pistols, а ние направивме една пародија, ја препејавме, ја прилагодивме на наши услови, ја преаранжиравме... Луѓето ја сакаат таа песна, затоа што навистина е одлична. Што се однесува до молитва на рокенролерите, мислам дека таа секогаш им е потребна. 


Каква е состојбата на хрватската рок сцена? Дали рок музиката е во дефанзива во однос на некои музички правци како денс, електронска музика, и дали е можно во овој момент да даде групи од типот на некогашните Azra, Film, Parni Valjak, Prljavo kazalište...?
- Има неколку бендови како Let 3, Bare i Plaćenici, Hladno Pivo, но сепак тоа е многу малку. Море, рокенролот е отиден у курац !!! Повеќе имаш забавњаци отколку рокери, а исто така многу се вртат и тоа српски. Што се однесува за нас постарите, ние имаме стекнато некое име и од тоа живееме. Јас сум задоволен. Пред неколку години ситуацијата беше подобра. Во меѓувреме многу бендови се распаднаа. Има бендови кои нешто снимаат, ама никако да се погоди нешто добро да излета.

Познаваш ли некои од актуелниве македонски групи?
- Пред извесно време слушав нешто. Еве на пример ги знам Blla, Blla, Blla. Исто така ги знам и Ареа, со кои минатат година имавме три концерти во Србија. Бендот е супер и баш ми се допаѓа. Ги знам овие стариве, Влатко Стефановски, се сеќавам на Мизар иако веќе не постојат, сум чул нешто од Кисмет. Ако не се лажам тоа е една фракција на Мизар.

Би соработувал ли со некои од македонските групи?
- Немам против. Мислам ако се најде добра причина и ако се направи некој добар филм зошто не. Рака на срце, такво нешто досега не сме договарале, но ако се случи нешто, ако се развие некоја приказна секако дека би сработувал.

Каква е соработката меѓу вас старите волци и оние нови хрватски бендови кои допрва доаѓаат на музичката сцена. Ги советувате ли, им помагате ли?
- Се дружиме, се гледаме во клубови, на свирки, пиеме заедно... Мене многу ми е драго што воопшто постои рокенрол. Им помагаме колку што можеме и колку што бараат од нас.


Дали си политички пределен?
- Ебеш политика... Политиката е нужно зло, која нè опкружува сите нас. Ние не сме никаков политички бенд, и никогаш не сме биле и нема да бидеме. Јас фурам да правам рокенрол бенд и затоа постоиме дваесет години. Рокенрол бенд треба да биде independent. Ние навистина ја напишавме песната Hrvatska mora pobijediti, кога времето беше такво, кога имаше војна... Тогаш се направија неколку нумери. Навистина беше многу гадно. Сега, после војната, во овој момент, немаме никаква врска со политиката.

Како Psihomodo Pop ја поднесе целата таа ситуација, кога се распаѓаше Југославија. Дали тоа се одрази на вас како личности, како музичари, како група...?
- Додека беше она најжестокото, не можевме да свириме никаде во Хрватска. Во тоа време свиревме овде-онде во Германија, во мали клубови и од тоа живеевме. Во тоа време сè беше у курац. Сега подобро. Сфаќаш? Ние всушност сме име и го преживеавме сето тоа, и сега доста се работи. Еве само ова лето имаме отсвирено околу 40 концерти, што мислам дека е одлично.

Ги мразиш ли Американците?
- Не ги мразам, ама повеќе ги сакам нивните долари, ха, ха, ха... А имаат и добар рокенрол! Американци како Американци. Јадат лоша храна и сите се дебели.

Кога би бил во ситуација да решаваш, како би го преуредил современиот свет?
- Мислам дека светот е толку неуреден, што веќе никој не може да го преуреди, во ништо освен во ова што е. Јас би направил така ние да имеме поголемо студио, само наше...


Бидејќи насекаде низ светот се водат војни, мислиш ли дека хипи филозофијата би дошла во ова глобално време?
- Па да... Во принцип со ова техното, хаусот, на некој начин се случи тоа ново хипи движење. Сите нешто фураат она - peace and love. Знаеш што е најжално, што тогаш кон крајот на шеесетите години беше многу појако од сега. Дури луѓето тогаш веруваа дека навистина нешто ќе се промени, но всушност ништо не се промени. Не сум баш сигурен дека сега светов ќе стане нешто подобар, со сета таа технологија... Мислам дека ќе има сè повеќе пиздарии.

Како гледаш на електронската музика како нов музички правец кој зема сè поголем замав во последниве десетина години?
- Јас немам ништо против, јас сакам да има нови работи. И таму има и добра и лоша музика, исто како и во секој друг музички правец. Искрено сакам да чујам некој добар хаус кога добро ќе ми легне, но исто така мрзам кога ме жилават со некои глупави пиздарии. Не сум против. Нека слушаат луѓето она што сакаат.

Имате ли на ум да вметнете некоја девојка во вашиот бенд?
- Во 1995 година кога направивме unplugged, имавме четири придружни вокали кои се викаа Napalm Djevice. Со нив направивме супер турнеја, девојките беа одлични. Но тие одеа на училиште и поради тоа не можеа професионално да се занимаваат со музика. Што се однесува за новиот материјал, не знам. Би сакал да има девојки. Ние секогаш вметнуваме женски вокали. Ма кој знае кај води тоа?!


Какви девојки сакаат Psihomodo Pop?
- Ние ги сакаме сите девојки. Девојките се благо на овој свет, ха, ха, ха...

Кога не би бил рокенролер, со што друго најдраго би се занимавал?
- Врска немам... За тоа сум се прашувал многу пати во животот. Mожеби би бил сликар. Инаку, јас сликам од хоби, правам изложби. Можеби со тоа би се занимавал. А можда и не. Можеби би копал на пруга, можеби би бил доктор на науки, ха, ха, ха... Мене рокенролот навистина ми го спаси животот и многу сум задоволен со тоа што го работам. Би попиздел ако треба да станам наутро во 7 часот и да одам на работа.

Од што се плашиш?
- Немам некои специјални стравови во животов. Се плашам од сè она што се плаши секој човек. Дај боже здравје за да може подолго да се свири.

Во Скопје бевте пет дена. Имавте можност да го видите ноќниот живот во Скопје. Како ви се допадна?
- Супер. Скопје ми се допаѓа затоа што луѓето се cool, добронамерни се, сè е OK, немаше некои пиздарии, иако мислам дека кај вас сето тоа е малку забавено, но мене тоа ми одговара. Пред некоја вечер бевме во кафеана и сум се најал скара за наредните 15 години. Тука има најубава скара од сите бивши Ју-простори. И во Сарајево има(ше), но тоа отиде у курац.


Wednesday, October 15, 2014

ИНТЕРВЈУ: Богдан Бенигар, програмски директор на Skopje Jazz Festival

Објавено во „Нова Македонија“ на 15.10.2014






Џез-фестивалот може да функционира
и со други музички жанрови


Словенецот Богдан Бенигар од оваа година е програмски директор на Skopje Jazz Festival, со што стана првиот странец во тридецениското постоење на фестивалот што се вклучува во организацискиот тим. Бенигар долги години работеше како уметнички директор на Ljubljana Jazz Festival и како уредник на програмата Џезот и светската музика во Цанкаревиот дом. Исто така, тој е и програмски координатор на прочуениот словенечки фестивал Druga Godba.
Со неговото доаѓање, Skopje Jazz Festival ќе добие нова свежина, иако сето тоа што тој ќе го работи ќе биде во рамките на џезот. 

ФОТО: Дарко Андоновски

Од оваа година сте програмски директор на Skopje Jazz Festival. Какви новини ќе има годинава во однос на претходните изданија?
- Основната идеја за моето доведување како програмски директор е да се продолжи континуитетот на фестивалот, а притоа јас да донесам некои свои работи, со што фестивалот ќе добие свежина. Познат сум по тоа што мојот интерес не е толку поврзан само со џезот, затоа што следам и многу други музички правци. Секако дека сето тоа е поврзано со џезот, но може да функционира и со некои други музички жанрови. Мислам дека мора да се внесуваат помлади музички имиња во програмата, затоа што не сакаме публиката секоја година да станува сè постара. Мора да се привлече нова генерација, а за тоа не се потребни само големи ѕвезди, туку и нешто што е актуелно, односно генерациски блиско со публиката. Најважно е програмата да биде конципирана така што да можат на фестивалот да доаѓаат и родители и нивните деца и заедно да уживаат во концертите.

Колку ова ќе може да го приближи фестивалот до пошироката јавност?
- Првиот чекор во промената е да го направиме фестивалот малку повеќе градски, односно да го приближиме до Скопје и до луѓето што живеат или во моментов се наоѓаат тука. Ќе се обидеме да го соединиме градот со фестивалот и тоа да не биде врзано само за конкретните концерти, туку да добие еден посебен џез-шмек. Едноставно ќе направиме луѓето да бидат дел од фестивалот, а не само публика.

ФОТО: Дарко Андоновски

 Значи ли тоа дека ќе има и промена во однос на програмскиот дел?
- Програмскиот дел ќе биде малку проширен, но не во смисла на повеќе денови или повеќе концерти, туку во временскиот период од денот кога се одржуваат тие. Оваа година првпат ќе имаме концерт што ќе се одржува прекуден. Последниот фестивалски ден ќе почне со концертот на двоецот Ned Rothenberg и Sainkho Namtchylak, кој ќе се одржи во 13 часот, во киното Фросина во МКЦ. Токму оваа музика, која е малку потешка и која влече кон импровизации, е доста интересна за публиката, која сака да ужива во неа, но во еден понеобичен амбиент. Затоа и светските фестивали концертите на ваквите музички проекти ги закажуваат напладне.

Мислите ли дека Skopje Jazz Festival во наредните години треба да се развива во оваа насока?
- Мислам дека ова е одлична формула, затоа што ваквите матине-концерти се многу поприфатливи за луѓето. Тука контактот на публиката и на музичарите е многу поблизок и по завршувањето на свирката тие можат во една опуштена атмосфера да се видат со изведувачите, да поразговараат и заедно да испијат по еден пијалак. Оваа идеја во Љубљана беше одлично прифатена и затоа се надевам дека овдешната публика добро ќе го прими овој концепт.

ФОТО: Дарко Андоновски

Дали денешната генерација музичари се интересира за класичниот џез или повеќе сака да експериментира со џез-влијанијата?
- Денешната сцена има голем број млади и талентирани музичари, и тоа не само во џезот туку и во сите други жанрови. Многумина од нив имаат квалитети и знаења за да можат да експериментираат со музиката, па така еден ден да свират во класично џез-трио, а веќе наредниот да бидат во некој панк-бенд. Денешните млади музичари немаат никакви идеолошки препреки, така што многу им е полесно да се вклопат во целата музичка приказна. Во Америка, поточно во Њујорк, сè уште е силна онаа новата џезерска школа, додека, пак, во Европа музичарите се малку поеклектични во тој пристап. Но, во секој случај, тука на Стариот континент има многу оригинални изведувачи, кои високо котираат на светската џез-сцена. Меѓу нив се, на пример, и еден Mats Gustafsson, кој важи за еден од најдобрите музичари во последнава деценија. Тој овој пат во Скопје доаѓа со својот, можеби најдобар проект Fire! Orchestra, а исто така тука е и неверојатниот белгиски бенд Dans Dans. Тоа се само дел од имињата што ќе му донесат свежина на Skopje Jazz Festival.