Tuesday, March 26, 2013

ИНТЕРВЈУ: Ненад Стефановски-Брус (Foolish Green)

Објавено во „Нова Македонија“ на 15.03.2013





Свириме музика
не претставуваме нации


Групата Foolish Green на домашната рок-сцена се појави предминатата година, а со својот сингл Laika, кон крајот на 2012-та, го најави својот поход. По одличното прифаќање на синглот, шестчлената музичка банда, предводена од харизматичниот вокалист и гитарист Ненад Стафановски-Брус, конечно го објави својот деби-албум Escape. Иако Ненад претходно беше познат како рапер, членувајќи во некои домашни хипхоп-состави, овој пат се претставува од поинаква перспектива. Албумот Escape вечерва ќе биде концертно промовиран во киното Фросина во МКЦ, а заедно со Ненад на сцената ќе застанат и другите членови од бендот - гитаристите Нико Гаврилов и Давор Стојановски, басистот Теодор Бошков, клавијатуристот Стефан Пехчевски и тапанарот Стефан Дамјаноски.

Фото: Кристијан Теодоров

По долги години во рап-музиката, конечно формираш рок-бенд. Што те испровоцира да се впуштиш во рок-музика и дали таа ти дава поголема слобода на изразување?
- Со музиката веќе подолго време сум во здрава љубовна врска и, во суштина, тоа ме поттикнува да креирам разни жанрови паралелно со хипхопот. Слободата на изразување во ниту еден музички правец не ви се одзема, освен ако таа не е за некаква политичка пропаганда, песна за партија, реклама за детергент и сл. Но кога би морал да споредам, овој израз некако повеќе се лепи на мојата личност, што беше и првична причина да соберам нова банда, која е на иста бранова должина со мене.

Албумот го насловивте Escape. За какво бегство всушност станува збор?
- Escape е концепт, идеја, мисла за психолошко бегство во свој свет, свои мечти, свое скривалиште, каде што не постојат пречки, нема сомневања, нема часовник, каде што никој не може да те разбуди во најубавиот миг од сонот, кога сонуваш без да спиеш. Излез од колективно наметнатото, од неправедностите и од бесмислиците на светот, од границите на материјалниот свет и од рамките на сивото секојдневие.


Фото: Менче Петреска
Музиката на албумот е во манирот на брит-школата и тоа од 1990-тите, но и малку порано, а на неко места може да се почуствуваат и влијанија на The Beatles, пред се` од нивната Lucy in the Sky with Diamonds. Зошто се решивте да го правите албумот во тој брит-фазон во кој провејува инди-звукот, психоделијата од 1960-тите и 1970-тите, па се` до рифовите од британската гитарска школа од 1990-тите?
- Тоа е широк спектар на музички правци, кој се создаде во периодот на 1960-тите години, преку прогресивните чувства на тогашната младина, чија цел е ослободување од конзервативните ставови. Тоа е бунт против едноумието и политичките режими во тоа време. Всушност станува збор за еден вид експанзија, револуција, експлозија на внатрешните чувства. Тоа е коренот, основата на која сум најнавлечен и го сметам за правец што оттогаш се развива на илјадници начини и нуди простор за многу експериментирање.

Покрај музичкиот, и текстуалниот дел е доста силен, издржан и реален. Колку е битен текстот за комплетниот производ? Може ли да има добра песна без добар текст?
- Не секогаш текстот ја има водечката улога во музиката. Комплементарните ритам и мелодија, инструментални композиции понекогаш кажуваат многу повеќе од кој било збор. Тоа е избор на самиот автор, по неговиот пристап и израз можете да нурнете во мал дел од неговата фантазија, имагинација, личност, став, карактер. Самиот текст, односно вокал во одредената дикција, тоналитет и полиритмија, е како дополнителен инструмент во целата композиција. А во моментов не можам да се сетам на добра песна каде што текстот ми боде уво...

Фото: Кристијан Теодоров
Иако албумот се` уште не е официјално промовиран, веќе добивте многу позитивни критики, и тоа не само во Македонија туку и од блиското соседство. Колку тоа ќе ве поттикне да одите на турнеја надвор од нашата држава и да ја претставите македонската сцена на еден поинаков начин?
- Наша идеја и желба е да создаваме музика, да свириме, да ја шириме нашата порака и не поаѓаме од тоа да претставуваме нации. Во уметноста, науката и медицината, потеклото на креаторот е ирелевантно, релевантни се само духот и делото.

Во која насока би одел Foolish Green во наредниот период? Би се задржале на ова што го правите сега или можеби ќе има некоја нова форма?
- Сите од колективот имаме илјадници почнати проекти и идеи со надеж дека некогаш ќе бидат завршени. Во некои од нив уште отсега ги гледам идејата и правецот во кои ќе се развијат. Веќе е почната подготовката и на вториот албум на Foolish Green, каде што и другите членови ќе имаат голем удел во начинот на изведбата и компонирањето. До некаде ќе се задржи овој музички приказ, но ќе има блага промена во самиот звук, можеби и во јазикот, но сепак с? уште е рано да се говори за тоа.


No comments:

Post a Comment