Thursday, October 27, 2016

INTERVIEW: Scott Henderson


Објавено во „Нова Македонија“ на 27.10.2016




Изразот и звукот се поважни
од техниката во блузот



Scott Henderson е еден од најголемите, најпознати и највлијателни гитаристи во историјата на модерната музика. Тој е израснат во ерата на блузрок-музиката, кога таа беше на врвот на својата популарност. Scott е роден во 1954 година, а студиите ги завршува на Универзитетот во Флорида, по што се сели во Лос Анџелес, каде што настапува со Chick Corea во неговата група Chick Corea's Elektric Band. По завршувањето на соработката со него, Henderson почнува да свири со Joe Zawinul во неговиот познат состав Zawinul Syndicate.
Во 1984 година година, заедно со Gary Willis , ја оформува групата Tribal Tech со која снима девет албуми и постигнува планетарен успех. Во 1991 година влијателниот музички магазин Guitar World го прогласи за најдобар светски џез-гитарист, а наредната беше прогласен за најдобар светски џез-гитарист во годишниот избор на влијателниот музички магазин Guitar Player.
Неговиот најнов соло-проект е Scott Henderson trio, чија музика се движи низ фанк и џез-фузијата, со многу музички бранови. Токму со овој проект Henderson на 30 октомври 2016 година, ќе се претстави и пред македонската публика, а концертот ќе се одржи во Домот на АРМ.


На 30 октомври ќе настапите во Скопје со своето трио. Што може да очекува овдешната публика од овој концерт?
- Драго ми е што доаѓам во Македонија и можам да ви ветам дека концертот ќе биде одличен. Тоа ќе биде комична претстава во која ќе ја соголам душата.

Вашата музика претставува невообичаен спој на фанк и рокенрол, претставен низ призмата на блузот и џезот. Колку различните музички правци влијаат на вас како музичар и композитор?
- Музика е музика без разлика на стилот. Ако се свири со ум и со срце, тогаш резултатите ќе бидат видливи. Дури и џезот и класичната музика имаат поголеми резултати од рокот или блузот, бидејќи се свири со истата интенција што раскажува еден вид духовна приказна.

Блузот е музика што со децении ги искажува болката и тагата, а наедно е и оружје со кое се бориме против неправдите и естаблишментот. Мислите ли дека токму блузот е најзаслужен за раѓањето на новите музички правци?
- Сигурно е дека блузот има големо влијание на начинот на кој ја слушаме музиката, но не е неопходна состојка во големите дела или изведби. Не очекувам да слушнам блуз изведба на дело од Mozart, но тоа не го прави делото помалку релевантно.

Познат сте по вашата исклучителна гитарска техника. Колку таа техника, начинот на свирењето и пристапот кон инструментот се важни за секој музичар, а особено за оние што свират блуз?
- Техниката не е толку битна во блузот, бидејќи тука се работи повеќе за изразувањето и звукот. Всушност моите студенти имаат подобра техника од мене како и многу други модерни рок-изведувачи што ја користат техниката на свирење со две раце или со удирање.

Во Скопје доаѓате со вашето трио, но тоа што го свирите сега се разликува од музиката од времето на групата Tribal Tech. Дали триото претставува продолжение на Tribal Tech или станува збор за сосема различен проект?
- Ова не е никакво продолжение на Tribal Tech, иако во основа тоа е истиот тип на музика. За разлика од претходниот бенд, сега сме само тројца и немаме клавијатурист. Мислам дека трио е поголем предизвик, бидејќи енергијата е многу поголема. На концертите не изведуваме песни од периодот на Tribal Tech, туку свириме комплетно нови композиции создадени за ова трио.


Голем дел гитаристи на своите концерти, па дури и на албумите, изведуваат познати песни на други музичари. Дали мислите дека тоа е во ред доколку човек професионално се занимава со музика и зад себе има долгогодишна кариера?
- Мислам дека за еден музичар е побитно да свири свои дела отколку некои хитови, но понекогаш е добро музичарот да се втруне во песна што публиката добро ја познава. Тоа им дава на слушателите референца да може да споредуваат со она што го слушнале од други изведувачи.


Никогаш не сум бил обожавател на Bob Dylan

Како ја коментирате одлуката на Шведската академијата оваа година Нобеловата награда за литература да му ја додели на Bob Dylan?
- Јас никогаш не сум бил негов обожавател и затоа е подобро да не коментирам ништо за оваа одлука на Шведската академија. Ќе ја цитирам само големата музичарка Joni Mitchell, која вели: „Bob не е воопшто автентичен. Тој е плагијатор, и неговото име и глас се лажни. Сè во врска со Bob е една голема измама“.






No comments:

Post a Comment