Wednesday, October 19, 2016

INTERVIEW: Ian Gillan

Објавено во „Нова Македонија“ на 19.10.2016






Давам отпор
кога некој сака да ме етикетира



Легендарниот пејач на култната британска група Deep Purple, Ian Gillan, е еден од највпечатливите светски вокали на сите времиња, кој и по половина век на сцената сè уште е неприкосновен и е инспирација за повеќе генерации музичари и пејачи. На 5 ноември 2016 година, тој повторно доаѓа во Скопје, но овој пат не со својот матичен бенд, туку со еден уникатен концепт. Тој ќе ги пее песните од Deep Purple, придружуван од бендот на пијанистот Don Airey и од оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Британецот Stephen Bentley-Klein.
На концертот во салата Борис Трајковски ќе може да се чујат големите хитови на групата што ги постави темелите на хардрок-музиката, меѓу кои: Smoke On The Water, Strange Kind Of Woman, Black Night, Perfect Strangers и многу други.
Талентираниот Gillan е роден во Хаунслоу, Англија, и пораснал во куќа исполнета со музика. На почетокот од својата музичката кариера бил под влијание на Elvis Presley, Little Richard, Buddy Holly и многу други. Во 1965 година станува член на групата Episode Six, каде што го запознава басистот Roger Glover. Оттогаш почнува да го учи музичкиот занает и да настапува со по пет концерти во една ноќ, а по осум за викендите. Ian Gillan станува член на Deep Purple во 1969 година, кога оваа група го почнува својот најуспешен период. Во тој период бендот ги објави албумите Deep Purple in Rock, Fireball, Machine Head, со кои направи пресвртница на светската музичка сцена.
Во пресрет на новата средба со македонската публика закажана за 5 ноември во салата Борис Трајковски, легендарниот Ian Gillan, во ексклузивното интервју за Нова Македонија, зборува за новиот проект, за искуствата и за големината на групата, како и за своето гледиште и развојот на хардрокот, музичкиот правец што беше трасиран токму од Deep Purple.


На 5 ноември повторно ќе настапите во нашата земја, но овој пат во една поинаква комбинација, заедно со бендот на пијанистот Don Airey и со Македонската филхармонија. Што очекувате од овој концерт, бидејќи овдешната публика ве нема чуено во вакво издание?
- Ова за мене е навистина возбудливо, бидејќи, освен хитовите, можам да изведувам и материјал што никогаш не бил изведуван, или пак мошне ретко, од Deep Purple. Меѓу тие песни се наоѓаат и Razzle Dazzle, Anya, The Unwritten Law, но тука се и некои навистина посебни „парчиња“ што се производ од моето соло-работење како: No More Cane on the Brazos, Hang me out to Dry, Day Late and a Dollar Short и др. Си зедов пауза од мојот ангажман во Deep Purple, по што ми беше понудена оваа турнеја, а јас ја зграпчив можноста со две раце. Одвај чекам да видам што вие мислите во Македонија за овој проект.

Ваквиот концепт воопшто не е новина за вас, бидејќи уште во 1969 година со Deep Purple направивте концерт со оркестарот на Кралската филхармонија во Лондон. Која е потребата за еден легендарен рок-музичар и пејач да прави концерти од ваков тип?
- Некои од песните што ги споменав едноставно плачат за оркестар. Тие беа напишани со таков наплив на сензитивност за динамиката и содржината што сите ние се обидуваме да ја пренесеме, но идејата за ваква фузија е вистинска можност што не треба да се испушти. Моето искуство не е лимитирано со ниеден посебен жанр или стил. Пораснав во куќа исполнета со музика. Дедо ми пееше бас-баритон во опера, чичко ми беше џез-пијанист и свиреше главно буги-вуги, а баба ми беше инструкторка по балет, поради што се изнаслушав Чајковски. Јас, пак, бев момче што пееше сопран со црковниот хор. Не ги заборавив овие нешта кога ги слушав Elvis Presley, Chuck Berry и сите други блуз и соул-артисти што извршија големо влијание врз мене во годините кога се формирав како уметник.

Која е разликата меѓу класичен рокенрол-концерт и концерт со филхармониски оркестри?
- По природата на нештата тука има помалку од филозофијата јас тебе - ти мене. Оркестарот функционира по принципот читање партитура, така што тука нема многу простор за импровизации, но, од друга страна, тоа е можност што нуди екстра-динамика и богатство на звуци и текстура. И секако, го имаме и одличниот бенд на Don Airey, кој самиот по себе е извор на сила и инспирација. Искрено, навистина ме лазат морници по грбот при самата помисла на тоа.

На концертот ќе пеете и изведувате песни од Deep Purple, но колку овие песни, кои се сметаат за класика во хардрок-музиката, може повторно да предизвикаат нова возбуда кај луѓето што повеќе ги знаат и ги почитуваат оригиналните верзии?
- Сметам дека песните се различни, но тие не се ниту подобри ниту полоши, туку се само повозбудливи верзии на оригиналот. И вие самите треба да одлучите. Немојте да заборавите дека јас ги имам напишано сите овие песни во соработка со моите пријатели и ни на крајот на паметот не ми паѓа да направам нешто со што би ја потценил нивната работа. За мене ова е возбудливо патување надвор од мејнстрим рокенрол-културата. Едноставно ова е авантура, возење по живописните краишта.


Многумина сметаат дека ваквата форма со големи оркестри е кулминација на Deep Purple. Сметате ли дека можеби тоа е вистинскиот израз на групата, но и ваш, како вокалист, што може да ги издржи сите овие предизвици?
- Јас искрено немам такви грандиозни идеи. Сметам дека ова е само една авантура со многу добра забава.

На светската музичка сцена сте активен речиси половина век. Како се справувате со предизвиците што ги носи новото време и што е тоа што ве мотивира и ден-денес?
- Јас само сакам да пеам и да изведувам песни заедно со познати и големи музичари. За тоа сум сонувал уште кога бев мал и овие детски сништа и фантазии ги имам и денес, така што не ми недостига мотивација. Сè уште ме фаќа трема за време на ручекот на самиот ден на шоуто. Искрено, не сметам дека новите времиња наметнуваат и некои нови предизвици.


Како гледате денес на хардрокот како музички жанр?
- Ја разбирам потребата од етикетирање на нештата и хардрокот е во ред. Но самото етикетирање може да биде доста ригидно и не дозволува процес на развојност на еден бенд или соло-уметник. Никогаш не сум сакал и никогаш нема да сакам да пеам или да пишувам една иста работа секој ден. Честопати ме воодушевува тоа што луѓето нè доживуваат поинаку од тоа како ние се доживуваме себеси. Целиот мој живот се борам против институционализирањето и затоа нормално е да давам отпор кога некој сака да ме етикетира. Сум слушал некои неверојатни бендови и пејачи во живо изминатава година и сите тие се обидуваат да стават сопствен печат на нивната музика, без разлика на фактот што апсорбирале сè во текот на своите развојни години. Како жанр хардрокот се држи доста добро, бидејќи не се обидува да ги задуши новите изведувачи, а неговите следбеници се веројатно многу потолерантни отколку другите преодни форми. Мојата порака е: Уживајте во рок-музиката и не анализирајте ја премногу!


1 comment:

  1. Ковид-19 има тешка година, но со помош на понудата за заем на г-дин Педро успеав да поминам затоа што неговата понуда за заем од 2% навистина ми помогна многу и благодарен сум што можам да споделам овде дека г-дин Педро нуди заеми на 2 % стапка, исто така, тој може да финансира секаков вид на легитимен бизнис или да бара лична финансиска помош. Е-пошта: pedroloanss@gmail.com и Whats-App: +1- 8632310632

    ReplyDelete