Thursday, May 15, 2014

INTERVIEW: John Connor (Dog Eat Dog)

Објавено во „Нова Македонија“ на 13.05.2014




Целта ни е да се бориме
против стереотипните бариери



Американската група Dog Eat Dog в четврток повторно ќе гостува пред македонската публика, која го памети нивниот настап од пред 19 години, кога беа дел од единственото издание на домашниот Т-фестивал, на кој главни ѕвезди беа Prodigy. Овој настап ќе биде дел од нивната пролетна турнеја наречена All Boro Kings, со која момците ја одбележуваат 20-годишнината од објавувањето на својот прв албум, кој е насловен како и турнејата.
Во пресрет на концертот, ексклузивно за Нова Македонија разговаравме со основачот и пејач на групата John Connor, кој искрено се радува на повторната средба со македонската публика.




Во Скопје првпат настапивте кон крајот на 1995 година. Тогаш го имавте објавено само албумот All Boro Kings, но оттогаш објавивте уште три албуми. Што да очекува македонската публика на повторната средба по 19 години?
- Во Скопје доаѓаме во рамките на турнејата со која ја одбележуваме 20-годишнината од објавувањето на нашиот прв албум All Boro Kings. Поради тоа, листата на песните што ќе ги изведуваме ќе биде составена претежно од тој албум, но ќе има и од другите три. Сакаме нашите македонски обожаватели да ги направиме среќни. Dog Eat Dog е бенд за забава, со многу енергија и емоции што ќе ги споделиме со сите вас.

Годинава славите 24 години од оформување на бендот и 20 години од објавувањето на All Boro Kings. Кога ќе погледнете наназад, како ги оценувате изминативе години?
- Горди сме што сè уште сме активни на светската сцена. Тоа што најмногу нè прави среќни е дека луѓето и денес нè знаат и го помнат албумот што го објавивме пред две децении.


Вие се еден од првите бендови што направија комбинација на рап и на хардкор. Каде повеќе се пронаоѓате во римите на рапот и хипхопот или во брзите и моќни звуци на хардкорот? Што е тоа што ги соединува овие музички правци?
- Ги цениме и двата жанра, но Dog Eat Dog првенствено е бенд. Нема потреба да нè дефинираат како хардкор или како хипхоп-состав, затоа што со тоа се создаваат бариери. Нашата цел отсекогаш била токму тоа, да се бориме и да ги скршиме тие бариери. Мислам дека најсилната врска е тоа што и двата жанра во почетокот се гордееја со тоа дека се оригинални, но не сум сигурен дали и денес е така.

Покрај необичната фузија на музичките стилови, Dog Eat Dog е познат по саксофонот што го дава препознатливиот звук на бендот. Од каде идејата да се користи овој инструмент во една ваква агресивна музика?
- Тоа беше несреќен случај, кој на крајот излезе многу позитивен. Во тоа време имавме песна што се викаше Strip Song, која сама по себе беше повик за саксофон. Идејата му се допадна на нашиот пријател, кој почна сè повеќе да додава саксофонски делници на нашите песни. Всушност овој концепт воопшто не беше изненадувачки за нас, затоа што ние ги сакаме и ги почитуваме ска-бендовите, но и Fishbone, Red Hot Chili Peppers и други.


Кросоуверот што го презентиравте вие, подоцна го прифатија многу бендови. Но таа експанзија му овозможи да се искомерцијализира овој музички стил и да излезе од андерграунд-сцената. Дали го очекувавте тоа и кое е вашето мислење за ова?
- Беше големо изненадување да се излезе од малата клупска андерграунд-сцена и да се стане MTV ѕвезда. Ние не го баравме тоа и не го сакавме, но откако се случи сите ние уживавме во тие моменти. Кога ќе погледнеме наназад, по 20 години, лесно е да се согледа дека скејтборд и сноуборд-движењето, за кои сме толку приврзани, прераснаа во мејнстрим-култура и од супкултура прераснаа во комерцијала. Можам само да кажам дека не се каеме за ништо.




Во вашата кариера сте имале повеќе соработки со разни изведувачи, но многумина ја паметат онаа со легендарниот хевиметал-вокалист Ronny James Dio. Зошто решивте да соработувате токму со него и како сте задоволни од тоа?
- Покрај другите музички стилови, ние исто така сме обожаватели и на хевиметалот и, се разбира, на Ronny James Dio. Кога ја пишувавме песната Games, всушност потсвесно го слушавме гласот на Dio како пее во нашите глави. Го замолив нашиот менаџер да договори средба со него и, откако се најдовме, тој веднаш ја прифати нашата понуда. Беше уживање да се запознае тој човек и многу сме задоволни што го имаме на албумот.


Со кој бенд или музичар би сакале да соработувате во иднина?
- Ние секогаш сме отворени за соработка, затоа што Dog Eat Dog пред сè е бенд за забава, а на секоја журка се потребни гости. Веќе подолго време размислуваме дека би било убаво да направиме заеднички проект со Snoop Dogg и со Dr. Dre.

Колку актуелната глобална политичко-економска ситуација влијае на вас?
- Сè што прават луѓето, во креативна смисла, е под влијание на светот околу нив и сигурен сум и дека Dog Eat Dog не се разликува во тој поглед.


Пред две децении за вас се зборуваше дека сте бенд што ќе ги промени музичките текови на глобалната сцена. Се сметате ли за еден вид револуционери во поновата музичка историја?
- Ќе оставиме другите да одлучат какво е нашето влијание врз музичката сцена и врз музичките трендови. Ние сме задоволни и го сакаме тоа што го работиме, но исто така не забораваме дека има многу одлични бендови и изведувачи што го инспирираа Dog Eat Dog. Без Urban Dance Squad, Fishbone, Bad Brains, Murphys Law и други, Dog Eat Dog не би биле истите.


Иако на сцената сте четврт век, сè уште важите за еден од најенергичните концертни бендови на денешницата. Што е тоа што ве одржува во живот и ви дава толку многу енергија?

- Ви благодарам за оваа констатација. Се гордееме со фактот дека секогаш кога ќе излеземе на сцената се вложуваме максимално и искрено. Музиката ни дозволува да се чувствуваме слободно и енергично, па комбинацијата од нашата природна енергија и вистинската реакција на публиката често нè носи во некои други нивоа.


No comments:

Post a Comment