Thursday, March 20, 2014

ИНТЕРВЈУ: Ѓорѓи Илoвски-Џоле (SMUT)

Објавено во „Нова Македонија“ на 20.03.2014








Најубаво е кога великаните ќе ти признаат
дека си добар колку нив



Хероите на македонската хардкор-сцена Smut годинава прославуваат 18-годишнина од оформувањето. По тој повод утревечер во клубот Хавана ќе одржат славенички концерт, кој има симболичен наслов 18 години тешкото.
Според најавата, настанот ќе биде уште една убава дружба на музичарите и на верната публика. Ќе преовладуваат емотивни моменти и целовечерна програма со песни што Smut ретко или никогаш досега не ги свиреле на своите настапи. За збогатување на моќната атмосфера, Смат ги покани и гостите Shock Troopers и Gears од Скопје, како и бугарскиот бенд Melekh, а покрај нив ќе има и уште неколку изненадувања.
Членовите на бендот, Ѓорѓи Иловски-Џоле, Дарко Најдовски, Благоја Антовски, Горан Ристевски и Огнен Шапковски, ветуваат дека утревечер во Хавана ќе го остават срцето на бина, како што пееја и во една од своите песни.




Поминаа 18 години од оформувањето на Smut. Што од оваа дистанца значи Smut за вас денес, дали тоа е бенд, институција или начин на живот?
- Со текот на годините видовме дека Smut не ни значи само нам. Секако дека нам најмногу ни значи, но тоа е правопропорционално поврзано со љубовта и со почитта што ги чувствуваат нашите блиски, пријателите, семејствата и публиката. Кога станува збор за Smut, јас и другите членови почнуваме да се однесуваме како Борги од Ѕвездени патеки. Во нас се раѓа колективна свест и точно знаеме што треба да се направи за некој концерт, проект или турнеја. Кај нас не постојат зборовите од типот не можам, не сакам или имам работа. Кога доаѓа време за Smut, сe` е споредно, а најдобро во сето тоа е што нашите блиски и сакани го разбираат тоа. Нашата посветеност досега не се ставила под знак прашалник, што значи дека тоа наедно е и бенд, и институција, и начин на живот.

Од концертот по повод 10 години Smut (25.02.2006 во МКЦ)
Славеничкиот концерт го насловивте 18 години тешкото. Колку навистина беше тежок вашиот музички пат во изминативе години?
- Не се работи само за музичкиот пат туку и воопшто за животот на Smut. И претходно сум велел дека првите десет години беа тешки, но сите години потоа беа сe` потешки и потешки. Ако луѓето малку подразмислат, ќе сфатат колку е тешко во нашата земја да дејствуваш на музичко поле, особено толку долго време. Тоа е неверојатно тешко, особено за ваков вид музика. Не станува збор за еден албум во десет години, туку за константна работа што трае 18 години. Ние никогаш не сме престанале со работа, па потоа да правиме врева околу повторно собирање. Во изминативе 18 години Smut никогаш не застана со работа, колку и да беше невозможно тоа.


Вашите концерти секогаш имаат неверојатна енергија, но и многу емотивни моменти. Колку е важна публиката за создавањето на ваквата атмосфера?
- Кога би се вратил наназад, тие емотивни моменти се клучните поради кои Smut сe` уште е бенд. Не ја оспорувам нашата љубов кон музиката, но искрено најдраго ни е кога ќе видиме дека публиката учествува со целото срце. Нема поубав момент кога ќе ја чуете публиката како ги пее текстовите, и тоа од дното на душата, а наедно и се поистоветува со зборовите од песните. Тоа е сржта на овој бенд, а публиката е таа поради која Smut сe` уште дише.

                                                                                             Rock Fest 1997



По повод 18-годишниот јубилеј, повторно го преснимивте вашиот деби-албум. Зошто се решивте на ваков чекор?
- Искрено, првиот албум на сите нас ни беше стара болка. Тоа е како некоја стара љубов и рана што не престанала да пече. Едноставно не можевме да се помириме со старата продукција и како звучеше, па затоа решивме да го преснимиме.

Вие сте едни од ретките домашни состави што ја делеле сцената со големи имиња, меѓу кои се некои ваши идоли Biohazard, Sick Of It All, Hatebreed и многу други. Како е да се свири на иста сцена со групи од кои некогаш и вие сте учеле?
- Чувството е одлично, но уште подобро е кога ќе чујат од која земја доаѓаме, тогаш им се менуваат фаците. По концертот во Софија минатата година, кога свиревме со Parkway Drive, кој моментално е еден од водечките бендови во овој стил, пејачот на групата му пријде на нашиот гитарист Горан и му рече: „Момци, вие не сте нормални. Требаше ние да свириме пред вас, а не обратно“. И од други бендови сме добивале слични комплименти и на никој од нив не им се веруваше од каде сме. Нема ништо поубаво кога тие великани ќе ти признаат дека си добар колку нив.




No comments:

Post a Comment