Wednesday, March 5, 2014

INTERVIEW: Steve Chandra Savale (Asian Dub Foundation)

Објавено во „Нова Македонија“ на 02.12.2011





Не сме догматска организација
заглавена во едно време


Asian Dub Foundation е еден од најпознатите социјално-политички ангажирани состави во светот. Правејќи комбинации на електроника, брејкбит, даб, а притоа користејќи го панкрок-влијанието и рок-инструментите, но и ситар, табла, па се` до звуците од старите плочи на нивните родители, станаа препознатливи по својот музички израз. Бендот е роден како плод на документарниот филм Identical Beat, кој е снимен во Лондон, со цел на децата на азиските имигранти да им ги покаже основите на музиката и на музичката технологија. Двајцата водители на филмот, Aniruddha Das и John Pandit, заедно со 14-годишниот бенгалски рапер Deedar Zaman го формираат составот Asian Dub Foundation, на кој подоцна ќе му се приклучи и гитаристот Steve Chandra Savale. Во пресрет на нивниот настап на фестивалот Таксират, Steve ги објаснува сите работи поврзани за бендот и за нивните политички и идеолошки погледи.


Asian Dub Foundation првпат во Скопје настапуваше во 2003 година. Колку бендот созреа во текот на изминативе осум години на музички план?
- Осум години навистина е голем период за секого и за секоја работа, па така и за нас. Во изминатиот период во групата дојдоа нови членови, објавивме четири албуми и мислам дека моментално сме најдобриот бенд. Настапот на фестивалот Таксират за нас ќе биде и последен за оваа година, а потоа ќе се насочиме кон работата на новите материјали.

Ако пред десет години во фокусот беше 9/11, колку сега настаните во арапскиот свет и на Блискиот Исток влијаат врз вас?
- Иако нашата музика има идеолошки и политички предзнак, сепак во суштина тоа е само музика. Ние се концентрираме стриктно на одредени проблеми. Пишуваме музика и текстови за тоа што во моментот најмногу влијае врз нас.


Дали глобалната политичка ситуација и понатаму ве поттикнува да правите музика со која на некој начин ќе се борите против светската неправда?
- Без разлика колку пати ќе го кажеме спротивното, медиумите повторно нe` класифицираат како бенд, чиј фокус се политичките теми. Ние сепак создаваме музика за светот и мислам дека не сме нешто многу поразлични од други групи од минатото.

Секогаш сте биле повеќе левоориентирани, но со новиот албум, се чини, дека сте помалку идеолошки поотворени и повеќе универзално настроени?
- Мислам дека ќе беше многу лошо за нас како музичари, ако не ги променевме нашите погледи и останевме во едно место. Ваквите потези досега се покажале како кобни за многу музичари. Не сакавме да станеме една догматска организација, која ќе остане заглавена во едно време.

Која беше инспирацијата за вашиот последен албум A History of Now и која е неговата приказна?
- Секоја песна е приказна за себе, но во суштина во албумот се зборува за огромните технолошки промени, како што е Интернет. Тука се објаснува за тоа како оваа глобална мрежа нe` промени нас и како ние го согледуваме светот. Тоа најдобро може да се разбере во насловната песна, каде што зборуваме за информациското преоптоварување и на некој начин се обидуваме да го одвоиме реалното од работите што можат да бидат апсорбирани во овој дигитален свет.

Дали според вас, дигитализацијата може да го промени светот на подобро или на полошо?
- Дигитализацијата може да послужи и за добро и за лошо. На пример, во Арапската пролет луѓе користеа Facebook и Twitter, што само по себе доведе до одлично хоризонтално организирање на работите. Но истовремено Интернетот може да се користи и за следење на луѓе, за дознавање лични информации, но сепак мислам дека постои една златна средина, која не` опкружува и во која се наоѓаме ние.

Што создавате моментално, имате ли некои нови експерименти, текстови или музика што планирате да ја доусовршите?
- Секогаш експериментираме и испробуваме нови работи, но што ќе излезе од сето тоа ќе видиме. Ние не сме како оние бендови од почетокот на 1970-тите, кој седнува и цел проект го планира од почеток до крај. Музиката не е мисловен процес. Се` се работи спонтано со доста случајни делови, но главно планирањето е она што во одреден дел и ја уништува креативноста. Понекогаш најдобрите работи се случуваат кога планот нема да тргне како што треба.

Моментално англиската сцена е доста популарна, какво е вашето мислење за неа и воопшто за светската сцена?
- Една работа што доаѓа заедно со Интернетот е тоа што музиката веќе не може да се ограничи на една земја и на една сцена. На одреден начин денес се создаваат самоодржливи сцени што јас дури и не ги знам, додека, пак, нивното влијание само по себе е огромно. Па затоа моментално не ја гледам поентата на разграничување на англиската сцена од сите преостанати.


Кога сме кај глобалната сцена, што е тоа што моментално најмногу те фасцинира музички?
- Не се преоптоварувам со тоа од каде доаѓа музиката, музичките трендови, правци и идеи. Инаку, за мене најинтересна и доста невообичаена музика секогаш доаѓала од Конго. Звуците на бендот Konono #1 се навистина фасцинантни. Исто така, има еден тип од Јужна Африка, Spoek Mathambo, кој прави мелодии слични на Tricky и е неверојатно талентиран.

Што е со дабстепот, музичкиот правец што потекнува токму од Островот. Во каква ситуација се наоѓа тој?
- Кога станува збор за жанрови, дабстепот во изминативе години стана препознатлив музички правец за Британија. Лично има некои песни што навистина ми се допаѓаат, но има и такви што воопшто не можам да ги слушам. Сепак, мислам дека како правец ја има истрошено оригиналната енергија. Едноставно, кога ќе почнеш да го слушаш на реклами и на детски програми, веќе станува дел од мебелот, а тоа една од најлошите работи што може да му се случи на еден правец. Проблемот со овој тип музика е тоа што тешко можете да оставите свој печат, односно на одреден начин да ја персонализирате. Не може вашиот карактер да влијае врз самата музика.


Картата од фестивалот Таксират потпишана од  
Steve Chandra Savale

No comments:

Post a Comment