Wednesday, February 13, 2013

INTERVIEW: Al Di Meola

Објавено во „Нова Македонија“ на 11.11.2008



Не може да се научи 
да се чувствува музиката


Al Di Meola е култна личност, кој придонесе за креирањето на сосема поинаков начин на свирење гитара. Со само 19 години беше рамноправен член на легендарниот џезрок-состав Return to Forever, во кој свиреше заедно со пијанистот Chick Corea, басистот Stanley Clarke и со тапанарот Lenny White. Иако во групата беше релативно кратко време, сепак тој е потпишан како автор на најбитните албуми на Return to Forever, како што се Where Have I Known Before, No Mystery и Romantic Warrior. По заминувањето од групата, ја почнува соло-кариерата, која ја гради свирејќи акустична гитара, а музиката ја базира на фламенкото и тангото, испреплетувајќи го со многу џез-елементи. Повод за ова ексклузивно телефонско интервју е настапот на Al Di Meola во Скопје, на 16 ноември, во Универзалната сала. Овој настап е во рамките на неговата светска турнеја на која го промовира музичкиот проект World Simfonia.


Македонската публика ве памти уште од 1997 година, кога свиревте на Скопскиот џез-фестивал. Се сеќавате ли на тој концерт и кои се впечатоците од него?
- Се сеќавам дека имаше одлична публика. Бев топло примен од македонската публика. Тоа беше една добра музичка вечер. Тогаш еден музичар ми подари еден од жичените национални инструменти што се користат во регионот, на кој не му го памтам името и, навистина, се срамам поради тоа. Можеби вие можете да ми помогнете кога ќе дојдам во Скопје.

Она што денес го свирите се разликува од вашите почетоци во групата Return to Forever. Што е тоа што ве натера да посегнете кон латино-звукот или сметате дека тоа е само некоја понапредна варијанта на Return to Forever?
- Па, во текот на мојата работа со латино-музиката сфатив дека се отвораат многу повеќе можности за игра со латино-ритмите во ворлд-музиката отколку со електронската музика. Акустиката е многу покомплицирана и дозволува многу играња и промени. Таа нуди многу повеќе можности за работа, бидејќи сега имаме многу рефлексии на танго, измешани со светска музика, а сето тоа бидејќи акустичната гитара дава многу поголемо поле за игра од електричната.

Кои се искуствата од Return to Forever што ги пренесовте во вашата соло-кариера?
- Имав голема инспирација, која ми беше пренесена од Chick Corea, еден од најголемите музичари на сите времиња, но исто и одличен композитор, кој ми ја пренесе лекцијата на компонирањето и важноста на добрата композиција. Тој имаше огромно влијание и на мојот пристап кон компонирањето и токму тоа придонесе да станам многу поинструментален.

Кои се вашите најубави моменти со Return to Forever? Можете ли да издвоите некои?
- Изненадувачки, но мислам дека најдоброто шоу што го изведовме низ Европа беше во Белград, во вашето соседство. Но интересно е тоа што токму таму најмалку користевме своја опрема, па моравме да импровизираме.


Ќе може ли македонската публика на концертот на 16 ноември да чуе нешто од репертоарот на Return to Forever?
- Овој пат ќе биде поинаку, затоа што на овој концерт ќе свирам песни од мојата соло-кариера. Но ќе има музика со која присутните ќе можат да се поврзат со музиката на Return to Forever.

Секогаш сте успевале да искомбинирате многу стилови, а најмногу сакате да експериментирате со латино-звуците. Како ви успева тоа, а притоа да не звучи веќе познато и досадно?
- Секогаш сум сакал да искомбинирам различни елементи за да создадам нешто што ќе биде оригинално. Сакам кога музиката што ја правам има многу душа во себе.

Вашата гитаристичка техника инспирира многу светски гитаристи, а некои ги натера да потрошат многу часови совладувајќи ја. Која е тајната што многумина и ден-денес не можат да ја откријат?
- Тоа е тајна, а бидејќи е тајна, не можам да ви ја откријам.

Од скопскиот концерт на 16 ноември 2008, во Универзалната сала.
Фото: Игор Бансколиев

Во ред, тогаш кажете ми како успеавте да ја создадете вашата специфична техника на свирење?
- Кога станува збор за ритамот имате вродена способност да го свирите, бидејќи сте родени со него. Некои луѓе тоа го имаат повеќе во себе, некои помалку, а некои никогаш нема да го имаат. Од друга страна, кога станува збор за хармониите и за другите аспекти на музиката тоа е нешто што во секое време можете да го научите. Но не можете да научите да ја чувствувате музиката. Тоа е способност што се стекнува многу рано, можеби дури и пред да почнете да зборувате. А кога ќе откриете дека тоа можете да го правите во ритам, тогаш можете да ја однесете музиката на ново ниво. Другото е само механичко, односно постојано вежбање, а се разбира и емоциите што луѓето ги имаат влијаат и на типот на техниката што ќе ја прикажат.

Сте соработувале со големи пијанисти како Chick Corea и Gonzalo Rubalcaba. Колку нивниот квалитет придонесува за развојот на вашата музика?
- Дефинитивно Chick Corea најмногу влијаеше на мене, бидејќи тој не е само феноменален изведувач, исто како и Gonzalo Rubalcaba. А особено кога станува збор за нивната способност да свират ритмично. Ретко кои инструменталисти можат да го достигнат нивното ниво. Исто така, Chick е многу силен кога станува збор за композицијата, а тоа е многу ретка способност. Има многу музичари што се добри како инструменталисти, но нема многу големи и славни композитори. Тоа е способност што или ја имаш или ја немаш.

Освен со пијанисти, сте соработувале и со врвни гитаристи. Со Paco de Lucia и со John McLaughlin направивте еден од најдобрите албуми, а вас тројцата ве нарекуваат гитаристичките „три тенори“. Колку тој проект е значаен за вас и за светската музичка сцена?
- Тоа беше одлично, затоа што беше првиот голем успех постигнат со три акустични гитари на тоа ниво. Ние бевме првите што накалемивме фламенко во џез-музиката, и тоа беше нашиот голем придонес на музиката. Но кога бевме на сцената, тоа што публиката најмногу сакаше да го види беше натпреварот меѓу нас. Тоа беше елементот што создаваше вистински силна атмосфера, а исто така нe` тераше и да растеме и постојано моравме да бидеме сe` подобри и подобри. Со таква група никогаш немаше време за одмор.



Албумот Consequence of Chaos од 2006 година беше вашиот прв албуми по десетина години на кој повторно свирите електрична гитара. Што беше инспирација за овој албум и што ве натера повторно да засвирите на електрична гитара?
- Па во меѓувреме многу пораснав како композитор, а што се однесува до инспирациите тие најчесто доаѓаат во мојот дом на плажа во Мајами Бич. Наутро ги отворам вратите и го слушам океанот и разгледувам секакви нови идеи за мојата музика. И во основа по многу години електричната гитара првпат ми се виде како израз што кај мене може да внесе нова свежина. Токму поради тоа и се вратив, бидејќи за мене таа дава сосема свеж и нов звук.

Колку што ми е познато, вашата прва љубов била хармониката, потоа тапаните, па дури подоцна гитарата. Зошто ја одбравте токму гитарата како инструмент преку кој на светот ќе му ги презентирате вашите музички идеи?
- Кога првпат почнав да свирам гитара, електричната гитара беше нова и многу популарна. Таа даваше многу привлечен звук и кога првпат фатив електрична гитара во рацете, се чувствував како мало дете. Тоа беше инструмент на кој едноставно сакав да свирам. Хармониката беше многу поинтересна за свирење, но сега во моментов таа е само еден многу убав инструмент. Многу сум среќен што со мене во Скопје ќе дојде и одличен хармоникаш.

Дали уште свирите на хармоника?
- Не воопшто не свирам на тој инструмент. Тоа е веќе минато. Гитарата многу одамна е мојот животен инструмент.


No comments:

Post a Comment