Monday, November 5, 2012

ИНТЕРВЈУ: Кирчо Арсовски (Т.Б. Трачери)

Објавено во „Нова Македонија“ на 30.11.2011






Кичот е спас за луѓето
што немаат шанси во животот


     Кумановската Терористичка банда Трачери важи за култен состав во домашната андерграунд и воопшто рок-сцена. Водачот Кирчо Арсовски, потпомогнат и од преостанатите членови, кои се важен дел на бендот, успева да го преточи уличниот жаргон во певлива лирика што ја прикажува болната вистина. Трачери се бунтовници, кои без влакна на јазикот и без респект го насочуваат прстот на вистинскиот проблем. Групата зад себе има четири албумски изданија Клати и тркалај од 2001-та, Купи ме од 2003-та, Шлагери од Содома од 2005 -та и последниот Кинки во нервозна џунгла, кој се појави пред еден месец. В сабота Трачери концертно ќе го промовираат овој албум на тринаесеттото издание на фестивалот Таксират.


Дали новиот албум Кинки во нервозна џунгла претставува нова приказна или едноставно е продолжение на претходните?
- За да можат луѓето да се идентификуваат со тебе и со тоа што го работиш потребно е да имаш приказна. Народот ги памети само оние уметници што успеале да изградат некаков мит за себе. Нашите албуми си имаат свои приказни, кои ги прераскажуваме преку песните, но никогаш тоа не е концепт. Секоја песна си е свет за себе. Најглупаво е кога мислат дека тоа што некој го пее е секогаш автобиографско. Некои не сфаќаат дека повеќето песни се само она што тие сакаат да го чујат, а оној што пее само поседува способност да се стави во туѓа кожа. Добриот говорник секогаш ти го кажува тоа што ти најмногу сакаш да го слушнеш, слично е и со песните.

Обвивката на албумот многу наликува на A Hard Day’s Night. Намерно ли е направено тоа или можеби ова треба да биде некакво ваше видување на The Beatles?
- Секако дека е намерно, затоа што ми здосадија обвивките што нè поврзуваат со филмската Б-продукција. Лично сакав да им оддадам почит на The Beatles за сите оние среќни години што ги поминав со нив како дете, макар и со обвивка на албум. Јасно е дека музиката на Кинки во нервозна џунгла не е баш како нивната. Исто така, ги мразам и оние буклети со текстови, како да сте издале книга, а не албум, и среќа што немавме пари да печатиме буклет. Многу ми е драго што ги нема текстовите, но сепак ќе ги ставиме на Интернет, за да можат луѓето да знаат што пеам, затоа што се случувало некои да не го разбираат текстот додека сум на сцена или кога го слушаат цедето.

Зошто го избра трачот за твоја инспирација? И името на самата група, а и повеќе песни го содржат тој збор.
- Кичот и трачот се светот на среќата и на некој начин претставуваат уточиште за оние што немаат баш некои јаки шанси во животот. Ако им го одземете на луѓето, тогаш тие не би имале на што да се насмеат, да заплачат или да заиграат. Погрешно се мисли дека царството на кичот е она што прво ги почнува војните. Не верувам дека светските банкари гледаат филмови на Preston Sturges или дека слушаат панк. Попрво би кажал дека тој свет оди на опера и во театар.

Мислиш ли дека тие твои пароли од текстовите допираат каде што треба?
- Кој разбира, нека разбира, а кој не, тогаш тоа е негов проблем. Немаме намера да се толкуваме себеси.

Ниту сексот не е изоставен во твоите песни, но ти го претставуваш преку една саркастична призма. Тоа ли е вистински рокенрол или е само одглас на некои минати (младешки) денови?
- Сексот е придружен дел од животот на секој човек, но мислам дека ние немаме баш некои експлицитни секси-песни, нели! Во досегашната дискографија на Т.Б. Трачери има и голем број љубовни песни што се многу искрени. Тука нема никакво лажење.

Лириката секогаш ти била појаката страна. Каков е твојот став кон новите македонски рок-текстописци и дали воопшто има некој надежен во државава?
- Не знам многу за новите текстописци и не можам да дадам свое мислење. Инаку, мене повеќе ме интересира музиката и сакам убави мелодии, а текстот не ми е секогаш најбитен. Тоа што имаме добри текстови повеќе е случајност отколку намерно.


Од музичка страна, пак, се потпираш на минимализам, пред сé мислам на едноставни рифови, кои, пак, се потпираат на класичната бунтовничка школа како The Clash, New York Dolls, Dead Kennedys, Elvis Costello, Frank Zappa... Зошто баш овој фазон?
- Па тоа е наједноставната музика, а воедно и најдобрата. Сè друго е експеримент. Трачери не бара некој нов начин на изразување, едноставно ние сме во тој филм и одлично се забавуваме.

Што е тоа што со новиот албум на Т.Б. Трачери треба да им се предочи на младите групи?
- Не знам што би им порачал на новите групи со овој албум, затоа што овие луѓе тука немаат изграден однос кон традицијата ниту, пак, тоа ги интересира. За нив светот почнува откако тие почнале да свират. Нашата музика нема никаква мистерија, сé што треба е само да ставиш диск во цеде-плеерот и да ја слушаш.


No comments:

Post a Comment