Monday, November 23, 2015

INTERVIEW: David Coverdale (Whitesnake)

Објавено во „Нова Македонија“ на 13.11.2015






Четириесет години гордо го веам
знамето на рокенролот




Заштитниот знак на Whitesnake, пејачот David Coverdale, е една од оние личности што успеаја да направат неверојатна кариера со својата препознатлива и неверојатна вокална интерпретација. Својот занает го испече во Deep Purple, каде што членуваше три години. Денес тој сѐ уште им оддава почит и ги респектира своите некогашни колеги и музичари, од кои научи многу работи. Иако Whitesnake сам по себе е музички бренд, сепак последниот албум е посветен на Deep Purple. Станува збор за официјално издание на Whitesnake, каде што се преснимени песните што Coverdale своевремено ги отпеа во Deep Purple. Во пресрет на претстојниот концерт, тој одговори на неколку прашања за Нова Македонија, во кои ја опиша поврзаноста на двете групи во кои членуваше.


На 25 ноември Whitesnake вторпат ќе настапи во Скопје. Се сеќавате ли на вашиот прв концерт во Македонија, во 2006 година, и кои се вашите впечатоци од тој концерт?
- Секако дека се сеќавам, тоа беше одличен концерт, кој се одржуваше на некој отворен простор. За разлика од тогаш, овој пат ќе свириме во затворен простор, во спортска сала во која се одржуваат и други концерти. Ви ветувам дека на 25 ноември ќе направиме одлична забава и сите заедно ќе уживаме.

Пред половина година го објавивте The Purple Album, кој го промовирате на оваа турнеја. Зошто направивте албум посветен токму на Deep Purple?
- Тоа е всушност повеќеслојна и сложена работа, но пред сѐ тоа беше иницирано од една трагедија. Во 2012-та го загубивме John Lord, кој беше прекрасен човек со неверојатен карактер и со голем шарм. Тој беше мој ментор, но не само музички туку и животен гуру. Во 2012 година добив повик од еден мој пријател дека на John му бил дијагностициран рак, но тој исто така рече дека John нема да се предаде туку и понатаму ќе се бори. Но, и покрај тоа, Лорд не можеше да ја победи болеста. Таа трагедија нѐ погоди сите, но мене ми овозможи по триесет години повторно да отворам дијалог со Ritchie Blackmore.

Како реагираа членовите на Deep Purple, вклучувајќи го и гитаристот Ritchie Blackmore, и членовите на Whitesnake на идејата да направите албум посветен на вашиот претходен бенд?
- Откако искомуницирав со Ritchie Blackmore, тој ми рече да разговарам со неговиот менаџер Carol. Тој ме праша дали можам да чувам тајна, а јас му реков: „Секако дека не. Јас сум пејач и тајните ги споделувам со светот“. Тоа беше периодот кога разговаравме за правење заеднички проект под името Purple или Blackmore-Coverdale, слично како проектот што го направив со Jimmy Page во 1991 година. Секако дека мојата прва љубов е Whitesnake, но повторната комуникација и респект кон Ritchie ја отворија можноста за реализирање на проектот The Purple album. Јас и во текот на летото во 2013 година продолжив да контактирам со Carol за да му дадам до знаење дека ќе ја почитувам неговата желба и нема да зборувам наоколу за идејата. Единствено со Doug Aldrich дискутирав за време на турнејата во 2013 година. Тој многу ме охрабри во мојата намера да го реализирам проектот. Што се однесува до другите членови од Whitesnake, тие немаа никакви забелешки, затоа што сите тие во почетокот на своите кариери биле инспирирани од Deep Purple, и беа многу позитивно расположени во текот на снимањето на албумот. На Ritchie Blackmore, Glenn Hughes и на Ian Paice им посакувам голем успех, но, на крајот на краиштата, никој не знае што носи иднината...

Колку членувањето во Deep Purple ви помогна вам како пејач да можете подoцна Whitesnake да го издигнете на толку високо ниво?
- Во тие три години, колку што бев пејач на Deep Purple, јас многу научив од другите музичари што долги години претходно заедно свиреа и снимаа албуми. Од Ritchie Blackmore научив како се прави структура на рок-песна, додека пак од John Lord ги научив шармот и начинот како се бруси дијамант, што ми помогна да станам тоа што сум денес. Всушност, во текот на годините поминати во Deep Purple јас постојано учев, од првиот до последниот ден.


Од пред една година Joel Hoekstra е новиот гитарист на Whitesnake. Како неговите можности и квалитети придонесоа да се подобри звукот на бендот и како тој се најде во приказната на Whitesnake?
- Joel Hoekstra првпат го слушнав кога тој и неговиот бенд ни беа предгрупа на еден наш концерт во Аризона. Јас бев многу импресиониран од него како музичар и како инструменталист. Joel ми го препорача еден пријател што работи во музичката индустрија и мислам дека тој беше прв што храбро влезе во оваа борба. Тогаш не ми се брзаше, бидејќи бев зафатен со еден проект, па не му одговорив толку брзо колку што требаше да му одговорам, но потоа приказната се разви на прекрасен начин. Joel Hoekstra е вистинско богатство, и како личност и како музичар. Тој е музички џин, совршено физички подготвен, одличен човек и одличен свирач.




Како денес гледате на hard rock како музички жанр, затоа што се појавуваат сѐ поголем број групи што ја следат оваа музичка линија? Се сметаш ли за еден од музичките револуционери?
- Можам да кажам дека во мојата 40-годишна кариера јас пишувам и снимам блуз, соул, хеви-рок, постојано веејќи го знамето на рокенролот. Секако дека имало и добри и лоши моменти, но токму поради тоа сум горд и задоволен од мојата кариера.


На светската музичка сцена сте повеќе од 40 години, но се чини дека сѐ уште имате енергија како пред четири децении. Што е тоа што ве мотивира и ден-денес?

- Мојата моментална амбиција е актуелнава турнеја на која се промовира The Purple Album. Не е чудно ако таа трае многу подолго отколку која било друга што досега сме ја направиле.


No comments:

Post a Comment