Friday, November 20, 2015

ИНТЕРВЈУ: Миле Кекин (Hladno Pivo)

Објавено во „Екран“ на 22.11.2001






Ладно пиво, лете-зиме




Го имавме таксиратот пред Таксират 1+2 да направиме еден кус муабет со пејачот на хрватската панк дружина Hladno Pivo, Миле Кекин, онака од нога, на екс...


Нели ви беше страв да дојдете во Македонија, знаејчи дека тука е (н)и војна (н)и мир?
- Кај нас во Хрватска пред десетина години ситуацијата беше слична, па бендовите од странство не сакаа да доаѓаат. Што се однесува до нас, ние имавме разбирање тукашнава состојба, дури имавме и некое искуство, а кога слушнавме кој сè ќе свири, дека ќе дојдат LaibachThe Young Gods, нам ни беше глупаво да изигруваме некои плашливи момци. Освен тоа многу добро сме информирани за состојбата, а деновиве кога шетавме низ градот немав чувство дека некој ме гледа низ нишан, или, не дај боже, да ме убие.


Каква е состојбата на хрватската рок-сцена? Дали денс-сцената го презема приматот или рокеритене се даваат така лесно?
- Од хрватската рок-сцена остана многу малку како резултат од сеопштото поселанчување на сите градови. Мислам дека тоа се случи во сите останати градови од некогашната Југа. Таа урбана сцеа која се формираше токму таму, во градовите, се распадна, и побарувачката за рокенролот во Хрватска е сè помала, затоа што беснеат народњаци, забавњаци, и што уште не, што се надевам, дека тоа се случува и во остатокот на бивша Југославија. Значи, ситуацијата на рокенролот е многу тешка. Во суштина, рокенролот е многу луксузен производ затоа што требаат многу повеќе пари. За да направиш рокенрол концерт, ти требаат четворица-петмина луѓе, инсрументи, озвучување итн, а за концерт на народна музика потребна ти е матрица и една певаљка која скока по столови и маси, што значи дека рокенролот во принцип е дефицит.

Што се однесува до старите волци Prljavo kazalište, Parni Valjak, Psihomodo Pop, Film, и овие новите, каква е соработката меѓу нив, дали се согласувате, си помагате или се колете?
- Знаеш што, нашите патишта ретко се вкрстуваат, ретко кога ние свириме заедно. Повеќето од нив се во некои големи концертни сали, со многу публика, а нивните концерти ги покриваат големи спонзори. Што се однесува до нас, ние сме во комбинација на комби возила, некои мали клубови, а ако организираме поголемиот дел го финансираме сами.


Дали мислите дека некогаш ќе ја достигнете нивната слава?
- Да, апсолутно. Мислам дека Hladno Pivo е на најдобар пат. Со последниот албум Pobjeda, дефинитвно стануваме бенд кој веќе не е панк бенд за некој потесен круг луѓе затоа што нашите песни лесно влегуваат во уво. Сега за нас знаат сè повеќе луѓе. Имавме два многу успешни концерти во Србија кои беа преполни со публика. Морам да признаам дека се шириме како бенд. Тоа го покажува и тиражот, имаме сè повеќе и повеќе наши фанови, не само во Хрватска, туку и низ сите географски широчини и должини од бившите југословенски простори.

Втор пат настапувате пред македонската публика. Со кој материјал ќе се претставите, со новиот или со некои од постарите?
- Кога бевме првиот пат во Скопје немавме дувачка секција, сега имаме нов член во групата кој свири на труба, па ќе отвириме неколку песни од новиот материјал каде што има повеќе труба, кој е некаква комбинација меѓу ска и панк што мислам дека е малку помодерен звук. Сепак, ќе има и нешто од постариот материјал што сме го свиреле тука во Скопје. Иако нашиот настап на Таксират 1+2 ќе биде триесетина минути, мислам дека ќе направиме одлична свирка и одлична забава за секој што ќе дојде да нè слуша.

И за крај, што пие Hladno Pivo во зима, ладно пиво или топол чај?
- Ха, ха, ха... Па види, ни сите ненако сме навикнати на пиво. Не знам дали тоа е дел од нашиот имиџ или не. Пивото е пијалок кој најмногу ни годи, и во зима и во лето.

No comments:

Post a Comment