Tuesday, August 18, 2015

ИНТЕРВЈУ: Методија Атанасовски (Point Blank)

Објавено во „Нова Македонија“ на 14.08.2015






Нека блеска сè што е создадено
со крв и со пот

 

Групата Point Blank се појави уште во 2000 година и во првите години беше доста активна. Настапуваше на многу фестивали и одржуваше клупски свирки. Концертната активност на бендот беше повеќе насочена надвор од границите на Македонија, поточно кон Романија, каде што имаа повеќе гостувања. Таму свиреа со големи светски имиња од калибарот на Korn, Clawfinger, Deftones и секогаш беа одлично прифатени. Но по неколкугодишно активно свирење, бендот влезе во фаза на мирување, за да се активира сега повторно. Своето враќање го најави на Д Фестивал во Дојран, по што момците заминаа за Букурешт, каде што повторно застанаа на иста сцена со своите стари пријатели и познаници Korn.
Членовите на бендот, пејачот Дамјан Митевски, гитаристите Методија Атанасовски и Благоја Гигов, басистот Димитри Тричковски и тапанарот Владимир Митревски, најавуваат нов албум и турнеја.


Зошто толку долга пауза и зошто решивте повторно да се вратите на сцената?
- Кога се во прашање условите со кои се располага во еден психополитички затворен мал свет, кој, каков и да е, си го почитуваме и му дозволуваме да нè одгледува, понекогаш, една апстиненција е неопходна, без оглед на должината на периодот, за да се сфати што треба да правиш со себе, со бендот, со животот, со албумот... Но топката треба да остане на бината таму каде што ѝ е местото, зашто тогаш отпаѓа сè што се случува наоколу, а музиката е музика.

Како ве прифати публиката на свирката во Дојран, пред сè, онаа постарата, која ве знае од порано, а наедно и помладата, која можеби првпат ве гледа и ве слуша на концерт?
- Публиката не би ја двоеле иако има разлика, но секогаш ќе има нови бендови, стари бендови, нова публика, стара публика. Сите заедно дошле на локација - пред бина. Веруваме дека го добиле она за кое дошле, односно многу енергија и време искористено за добра забава. Генерално, во Македонија има огромна фестивалска дупка, ѝ недостигаат фестивали и настани како во Дојран, во кои ние, домашните авторски бендови, даваме сè од себе за да ја освоиме и да ѝ се поклониме на публиката, особено помладата, за која сметам дека е отклонета од кафеанскиот шунд и со доста изострен слух за квалитет. Старата публика е нешто што нè врати во колосек и е сведок за постоењето на Point Blank. Всушност, ние постоиме за нашата публика.


По Дојран заминавте за Букурешт, Романија, каде што свиревте на иста сцена со Korn. Вие и претходно сте настапувале на иста сцена со нив. Што значи тоа за вас како бенд да се настапува со вакви големи имиња?
- Бината што првпат ја делевме со светски познатиот Korn ни даде огромен и сериозен поттик за работа и еден процент што ги прави претходните 99 да бидат 100, дека вреди да се вложи енергија во бенд, кој не може при толку труд, да остане невреднуван. На истата бина пред неколку години настапивме како поддршка на Deftones. Таму ни публиката ни организаторот не прашува дали си дошол од работа или од каде ти се парите за гитарите или дали шефот ти викал нешто од сабајле. Ти си таму да ја наполниш бината со своето и да ја дигнеш публиката во воздух, зашто на две недели се менуваат светски имиња и романската публика не знае за немање рок-концерти.

Како реагираа Романците на еден македонски бенд и како вие го доживеавте овој концерт? Колку сте задоволни од настапот и од фестивалот?
- Штета што дискусијава не би ја разбрале Романците поради јазикот, затоа што тоа е една огромна преобјективна толпа пред која вреди да се поклониш 1.000 пати. Публиката беше таму за Korn, но од самиот почеток до крајот на шоуто арената беше полна и расположена за сите бендови, вклучувајќи нè и нас. Што се однесува на организацијата, сè беше на високопрофесионално ниво, испочитуван тајминг, со милиметарски точна организација.

Како дојде до тоа да настапувате во Букурешт со нив?
- За сè е виновен Васил Ѓуровски-Васо. Тој реши да го менаџира Point Blank и како професионален букинг-агент ни ја покажа патеката што денес ја газиме. Што се однесува на претходните настапи, клупски и фестивалски, ние имаме повеќе во Романија отколку во Македонија. Сме настапувале на фестивалот Stuf Stock во Констанца, потоа со групата Clawfinger во Темишвар, со Deftones во Букурешт, како и многу клупски настапи.


Дали планирате да продолжите со бендот, албум, самостоен концерт, турнеја, спотови...?
- Конкретен краен рок нема, но се подготвува нов материјал, септемвриски концерт, спот или спотови и снимки од настапи. Турнеја најверојатно ќе има откако ќе биде објавен новиот албум.

Свирите еден специфичен стил на музика, а во Македонија ретко има бендови што се слични на вас и според стилот и според квалитетот. Мислите ли дека можете да го вратите тврдиот звук на домашната рок-сцена?
- Искрено, ако Point Blank е фактор за враќање на старата добра хеви-искра, тогаш нека гори сè што е нус, а нека блеска сè што е создадено со крв и со пот. Стилот што го свириме е нешто во што сме многу комотни, навреме нè затекна и нè направи Point Blank.


1 comment:

  1. Bravo Mete i site od Point Blank, samo napred imate moja poddrska a sigurno i od mnogu drugi lugje. Vreme e da se prosiri skopot na kulturata vo vremeto vo koe ziveeme. Tradicijata treba da se neguva, a vie ste toa, tradicija. Pozdrav

    ReplyDelete