Friday, April 3, 2015

ALBUM REVIEW: To Unknown - Skyrise

Објавено во „Нова Македонија“ на 03.04.2015





Патот кон непознатото е
неконвенционално решение за промена



Ретки се музичарите што можат квалитетно да пловат низ различните правци, а да се дрзнеш да правиш музика што е сосема различна е навистина храбар потег. Таков е случајот со построк-квартетот Skyrise, чии членови се дел од пошироката постава на реге-составот Conquering Lion. Деби-изданието на Skyrise, наречено едноставно To Unknown, е доказ дека креативноста доаѓа од срцето, а не од мозокот, што всушност е и едно од оние непишани правила без оглед за каков вид уметност станува збор.
Skyrise со својот албум To Unknown ја претставува новата македонска рок-надеж, која со сигурни чекори гази напред, рушејќи ги стереотипните бариери за тоа како се прави музика и како тоа треба да звучи. Слично како и нивните генерациски колеги, Foolish Green, кои пред две години го објавија албумот Escape, така и Skyrise со своето деби-издание нудат модерен гитарски звук, каде што се чувствуваат примеси од новото време.



ИЗВЕДУВАЧ: Skyrise

АЛБУМ: To Unknown
 
БРОЈ НА ПЕСНИ: 9

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 40 минути

ЖАНР: меланхоличен построк

ПРОДУЦЕНТ: Гоце Симоноски

ИЗДАВАЧ: Password Production
 
ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 12.12.2014

ОЦЕНКА: 4


Атмосферата на To Unknown е лежерна, но од друга страна многу моќна. Токму таквата комбинација дава реална слика на начинот на живот и на начинот на размислување на музичарите, кои преку музиката посегнуваат по неконвенционалните решенија за промена. Психоделичните звуци и мрачната атмосфера, што умешно се кријат за здравите гитарски делници, се уште еден доказ дека Skyrise е бенд што работи според моменталните чувства, а не според некои наметнати правила. Сликата на To Unknown ја комплетира и силната лирика, која, за жал, е на англиски јазик. Доволно е да се споменат насловите на песните, како We Never Say Goodbye, The Fight или The Day You Were Right, за да се разбере дека тука не станува збор за некаков розов сон, туку за тешка борба.
Сè на сè, To Unknown, исто како и Escape, е најава за она што треба во иднина да се работи на ова поднебје, иако можеби некому ова нема да му се допаѓа затоа што има искрена и храбра порака.


No comments:

Post a Comment