Monday, March 23, 2015

ИНТЕРВЈУ: Влатко Стефановски

Објавено во „Нова Македонија“ на 21.03.2015




Не сум чувар на традицијата,
мојата работа ја надминува таа должност



Влатко Стефановски, кој повеќе од 40 години трага по нови музички изрази, вечерва пред македонската публика ќе го промовира проектот Fire & Ice, кој претставува сплет на музички традиции, претставени преку гитарско-симфониската призма. На овие два концерта во Домот на АРМ, Стефановски ќе биде придружуван од камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија, како и од саксофонистот Васко Атанасовски, кој е еден од најпознатите креативни и разновидни словенечки композитори и музичари. Овие двајца страсни музички композитори создадоа возвишени дела полни со енергичност, а нивните инструменталистички импровизации ја оставаат публиката без здив.


На двата саботни концерта во Домот на АРМ, пред домашната публика ќе го претставиш твојот нов проект Fire & Ice. Од каде потекна идејата за ова и може ли накратко да опишеш за каков проект всушност станува збор?
- Проектот Fire & Ice не е нов. Првите настапи со таа екипа ги имав пред крајот на 2012 година во Љубљана, по што следуваа настапи на фестивалот Лент во Марибор, потоа на фестивалот Љубљана, кој се одржа минатото лето, како и ланскиот концерт во Сава центар во Белград. Фајр енд ајс всушност е уште една од моите музички авантури, но овој пат ја вкрстувам гитарата со саксофон, со флаутата и со гудачкиот ансамбл, што дава еден доста раскошен звук.

И претходно си имал искуство со филхармониски оркестри, но по што ќе се разликува овој проект во однос на претходните, поточно во однос на Balkan Fever, кој беше претставен во рамките на Скопскиот џез фестивал во 2013 година?
- Овој проект во голема мера се разликува од Balkan Fever затоа што самата концепција е поинаква. Ова е камерен оркестар, со сосема други музичари, а и аранжманите на песните се различни и се направени за оваа намена.

Покрај филхармониската „поддршка“, јасно е дека во преден план ќе бидете ти и твојата гитара. Колку твојот специфичен начин на свирење и твоите композиции можат да го однесат македонскиот музички бит на повисоко ниво?
- Верувам дека на концертите во Домот на АРМ ќе создадеме атмосфера за духовна левитација. Работиме напорно на сите подготовки за да се случи такво нешто. Во тие моменти мене најважна ми е концентрацијата на духот и на телото.


На концертите ќе бидат изведени твои авторски песни, но, како што спомена на прес-конференцијата, ќе има и песни од словенечкиот фолклор. Каква е конкретната поврзаноста на македонскиот и словенечкиот фолклор во овој проект?
- Да бев вешт со зборови, веројатно ќе бев писател. Музиката почнува кога зборовите ќе се исцрпат. Инаку, на концертите ќе има од сè по малку, а верувам дека најмногу ќе има размена на енергија. Конкретна поврзаност меѓу двете традиции нема, но барањето заеднички именител и градење мостови меѓу различните култури е наша задача и мисија. Можеби тоа звучи патетично, но уметниците мораат да ги градат, без разлика дали некој се потсмева или гледа сеир.

Им беше ли тешко на словенечките музичари да ги совладаат нашите македонски неправилни ритми?
- Искрено, не почувствував дека им е тешко, туку напротив, со голема леснотија ги свират сите неправилни ритми што се својствени за нас. Тие се сериозни професионалци, а Македонија и не е толку далеку од Словенија, и затоа нашата музика и ритми им се познати.

Колку ти, како еден од ретките чувари на македонскиот фолклор, со тоа што правиш авторски песни и во тој манир, гледаш на развојот и воопшто на промоцијата на македонската песна?
- Не би сакал да сум само чувар на традицијата, верувам дека мојата работа ја надминува таа должност. Јас сум и композитор и, ако сакате, и творец на традиција. Сè што е добро, а што сум го потпишал, веќе е традиција. На новите генерации им останува да го вреднуваат или да го обезвреднат тоа што го правам денес.

На концертот во Белград во Сава-центар ја свиреше пенсата Rock me, baby од B.B King, и тоа на неговата гитара Lucille. И претходно имаше искуство со блузот, со албумот Thunder from the Blue Sky, каде што гостин ти е славниот гитарист Jan Akkerman. Колку блузот кај тебе навистина буди искрени емоции, затоа што речиси цел живот го посвети на музика што се заснова на македонската традиција?
- Израснав на блузот и на рок-музиката, така што воопшто не е чудно што свирам и такви песни. Инаку, блузот го барам во сè што работам, но не како правец туку како емоција. Ако ја нема таа емоција, тогаш нешто недостига.

Во твојата кариера си соработувал со голем број музичари, но какви квалитети треба да поседуваат и кои критериуми мораат да ги задоволат?
- Пред сè треба да се со сличен сензибилитет, да имаат изведувачка вештина, да бидат добро подготвени и, секако, да имаат музичка култура. За секој музичар е важно да е добро поткован, да има слушано сè и сешто, односно да има широк музички спектар. Не можеш да си писател ако не си прочитал цели библиотеки книги, а истото тоа важи и за нас музичарите.

Колку денес е лесно или тешко да се направи нешто ново со гитарата ако се имаат предвид нејзината богата историја и бројот на музичари на кои таа им е основен инструмент?
- Милиони луѓе во светот свират на гитара и мошне е тешко да се наметнеш со својот тон, фраза и израз. Ама, ако тоа го правиш упорно 40 години, можеби и ќе бидеш препознаен од некого.


Ти си човек што во изминативе 40 години ја гради кариерата со макотрпна работа и со квалитетни изданија. Како се справуваш со тој багаж и колку тоа те плаши или те провоцира за секој нов проект?
- Не може да ме плаши мојот багаж затоа што сум доста задоволен со некои мои изминати изданија и проекти. Јас не брзам по секоја цена, по некој нов предизвик, туку оставам работите да имаат природен тек.

Иако албумот Сеир сè уште е актуелен, но може ли да се очекува наскоро некое ново албумско издание од тебе и што би било тоа?
- Најверојатно наскоро ќе следува еден албум со моите најдобри песни, односно едно Best of издание. Во последно време многу преслушувам стари работи и постојано размислувам на таа тема.



No comments:

Post a Comment