Wednesday, October 15, 2014

ИНТЕРВЈУ: Богдан Бенигар, програмски директор на Skopje Jazz Festival

Објавено во „Нова Македонија“ на 15.10.2014






Џез-фестивалот може да функционира
и со други музички жанрови


Словенецот Богдан Бенигар од оваа година е програмски директор на Skopje Jazz Festival, со што стана првиот странец во тридецениското постоење на фестивалот што се вклучува во организацискиот тим. Бенигар долги години работеше како уметнички директор на Ljubljana Jazz Festival и како уредник на програмата Џезот и светската музика во Цанкаревиот дом. Исто така, тој е и програмски координатор на прочуениот словенечки фестивал Druga Godba.
Со неговото доаѓање, Skopje Jazz Festival ќе добие нова свежина, иако сето тоа што тој ќе го работи ќе биде во рамките на џезот. 

ФОТО: Дарко Андоновски

Од оваа година сте програмски директор на Skopje Jazz Festival. Какви новини ќе има годинава во однос на претходните изданија?
- Основната идеја за моето доведување како програмски директор е да се продолжи континуитетот на фестивалот, а притоа јас да донесам некои свои работи, со што фестивалот ќе добие свежина. Познат сум по тоа што мојот интерес не е толку поврзан само со џезот, затоа што следам и многу други музички правци. Секако дека сето тоа е поврзано со џезот, но може да функционира и со некои други музички жанрови. Мислам дека мора да се внесуваат помлади музички имиња во програмата, затоа што не сакаме публиката секоја година да станува сè постара. Мора да се привлече нова генерација, а за тоа не се потребни само големи ѕвезди, туку и нешто што е актуелно, односно генерациски блиско со публиката. Најважно е програмата да биде конципирана така што да можат на фестивалот да доаѓаат и родители и нивните деца и заедно да уживаат во концертите.

Колку ова ќе може да го приближи фестивалот до пошироката јавност?
- Првиот чекор во промената е да го направиме фестивалот малку повеќе градски, односно да го приближиме до Скопје и до луѓето што живеат или во моментов се наоѓаат тука. Ќе се обидеме да го соединиме градот со фестивалот и тоа да не биде врзано само за конкретните концерти, туку да добие еден посебен џез-шмек. Едноставно ќе направиме луѓето да бидат дел од фестивалот, а не само публика.

ФОТО: Дарко Андоновски

 Значи ли тоа дека ќе има и промена во однос на програмскиот дел?
- Програмскиот дел ќе биде малку проширен, но не во смисла на повеќе денови или повеќе концерти, туку во временскиот период од денот кога се одржуваат тие. Оваа година првпат ќе имаме концерт што ќе се одржува прекуден. Последниот фестивалски ден ќе почне со концертот на двоецот Ned Rothenberg и Sainkho Namtchylak, кој ќе се одржи во 13 часот, во киното Фросина во МКЦ. Токму оваа музика, која е малку потешка и која влече кон импровизации, е доста интересна за публиката, која сака да ужива во неа, но во еден понеобичен амбиент. Затоа и светските фестивали концертите на ваквите музички проекти ги закажуваат напладне.

Мислите ли дека Skopje Jazz Festival во наредните години треба да се развива во оваа насока?
- Мислам дека ова е одлична формула, затоа што ваквите матине-концерти се многу поприфатливи за луѓето. Тука контактот на публиката и на музичарите е многу поблизок и по завршувањето на свирката тие можат во една опуштена атмосфера да се видат со изведувачите, да поразговараат и заедно да испијат по еден пијалак. Оваа идеја во Љубљана беше одлично прифатена и затоа се надевам дека овдешната публика добро ќе го прими овој концепт.

ФОТО: Дарко Андоновски

Дали денешната генерација музичари се интересира за класичниот џез или повеќе сака да експериментира со џез-влијанијата?
- Денешната сцена има голем број млади и талентирани музичари, и тоа не само во џезот туку и во сите други жанрови. Многумина од нив имаат квалитети и знаења за да можат да експериментираат со музиката, па така еден ден да свират во класично џез-трио, а веќе наредниот да бидат во некој панк-бенд. Денешните млади музичари немаат никакви идеолошки препреки, така што многу им е полесно да се вклопат во целата музичка приказна. Во Америка, поточно во Њујорк, сè уште е силна онаа новата џезерска школа, додека, пак, во Европа музичарите се малку поеклектични во тој пристап. Но, во секој случај, тука на Стариот континент има многу оригинални изведувачи, кои високо котираат на светската џез-сцена. Меѓу нив се, на пример, и еден Mats Gustafsson, кој важи за еден од најдобрите музичари во последнава деценија. Тој овој пат во Скопје доаѓа со својот, можеби најдобар проект Fire! Orchestra, а исто така тука е и неверојатниот белгиски бенд Dans Dans. Тоа се само дел од имињата што ќе му донесат свежина на Skopje Jazz Festival.


No comments:

Post a Comment