Friday, January 22, 2016

ALBUM REVIEW: Без име - Фонија

Објавено во „Нова Македонија“ на 22.01.2016




Ме слушаш ли, јас не се предавам



Кога една група ќе објави пет студиски албуми во својата кариера, значи дека тоа е веќе зрел бенд, но кога тоа ќе го направиш на само 24 години, јасно е дека тој бенд сè уште не го изнедрил најдоброто од себе. Таков е примерот со скопското панкрок-трио Фонија, кое минатата година го објави албумот со симболичен наслов Без име.
Музичко-инструменталниот дел на албумот е во манирот на рокенролот и постпанкот, каде што во преден план се гитарските рифови, збогатени со синкопирачката ритам-секција и одличните вокални решенија. Но ако се преслушаат сите нивни досегашни албуми, Параноја (2008 г.), Петар Пан синдром (2010 г.), Зелен, сончев ден (2012 г.) и Мојот пекол (2013 г.), ќе се сфати дека Фонија е бенд што музиката ја сфаќа како сериозна работа.


ИЗВЕДУВАЧ: Фонија
АЛБУМ: Без име
БРОЈ НА ПЕСНИ: 9
ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 29.21 минути
ЖАНР: постпанк, панк-рок, рок
ПЕРИОД НА СНИМАЊЕ: јуни-август 2015 г.
ПРОДУЦЕНТИ: Васко Атанасоски, Дени Крстев
ИЗДАВАЧ: МКЦ, Giljotina, Corpus Delicti Records
ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 2.11.2015 г.
АВТОР НА НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Кристина Горовска
ФОРМАТ: CD / LP
ОЦЕНКА: 4,5


Ако во 2008 година тие свиреа и пееја за параноја, што е и нормално за тинејџер, сега тие се на неколку скалила погоре и во текстуална и во музичка смисла.
Кога станува збор за лириката, последното издание уште со својот наслов Без име кажува дека тука ќе има цврсти ставови. Пораките не се двосмислени, иако на моменти можат да се почувствуваат и некои затскриени симболики, туку тие се многу јасни и директни. Вистински рокенрол-бунтовници, кои преку текстот и музиката, храбро и без страв го искажуваат своето мислење.
Доволно е да се споменат и некои од насловите на песните како Улици без име, Нема генерација, Времиња, Без компас, Патоказ за да се почувствува дека Дени, Стефан и Кристијан имаат голема самодоверба и дека ќе се борат сè додека не ја извојуваат победата. Со ваквиот пристап тие можат да станат предводници на својата генерација. Рака на срце, момците не се вообразени деца, туку добро испрофилирани музичари, кои ги респектираат постарите колеги од кои учеле и сè уште учат.


No comments:

Post a Comment