Wednesday, November 19, 2014

ИНТЕРВЈУ: Владимир Стојчевски (КУР)

Објавено во „Нова Македонија“ на 09.10.2014
  


Денот да е радосен 
не е досадна хронологија
туку документ



Музичката банда Културно уметнички работници, која почна како еден неформален проект на членови од повеќе групи, прерасна во култен бенд на домашната рок-сцена, пред сè поради својот невообичаен и саркастично-хумористичен пристап кон музиката. Зад себе има 15-годишно искуство, пет студиски албуми и еден документарен филм. Токму филмот Денот да е радосен, насловен според нивната истоимена песна, го документира животот на бендот и сè она што се случувало во кариерата на групата. Тој ќе биде промовиран наредниот месец во рамките на Синедејс.
Денот да е радосен е еден од ретките на домашната сцена, а претходно вакви филмски формати имаат само Фолтин, Бернајс пропаганда и ДНО, како и филмот за македонската рок-сцена што го правеше Владимир Петровски-Картер.

Екипа у гаража

Која беше главната причина за да се направи документарен филм за бендот?
- Една од главните причини за овој филм е тоа што ние како бенд имаме огромна архива на видеоснимки што стојат на цедеа и на хард-дискови во разни компјутери. Сметав дека тие можат да се искористат во ваков филм и на јавноста да ѝ се претстави нашата приказна во една документаристичко-филмувана варијанта, во која има многу музика и разни случки што се дел од животот на бендот. Филмот не е досаден хронолошки пресек на кариерата на бендот, туку ги претставува атмосферата и животот на групата од една поинаква перспектива.

Кој е главниот виновник за снимањето на филмот?
- Идејата за филмот е иницирана од младата режисерка Љубица Поповска, која е наш голем обожавател. Пред неколку години таа нè праша дали сме заинтересирани заеднички да направиме документарен филм за Културно уметнички работници. Откако падна договорот, јас се заангажирав малку повеќе, бидејќи, покрај музиката, професионално се занимавам и со продукција, така што заедно со неа ја составивме екипата што ќе работи на филмот. Покрај Љубица, во филмот учествуваат и студенти од ЕСРА, на кои ова им е дипломска работа. Директор на фотографија е Игор Ангеловски, монтажер е Тоде Коцев, додека зад продукцијата сме потпишани јас и Горан Стоиљковиќ од продукциската куќа Аворд.

Спомена дека во филмот ќе има архивски снимки. Кое е најстарото видео што е искористено тука?
- Најстарата снимка е од настапот во телевизијата Канал 5 во 1999 година, каде што ја свириме песната Пеце. Всушност тоа е телевизиски концерт на групата Тотално опуштање, кога направивме еден штос, односно го претставивме проект-бендот Културно уметнички работници. Тој бенд е формиран сосема случајно од членови од повеќе групи, Рок агресори, Ноу нејм нејшн, Бомбашки процес, Тотално опуштање. Откако сфативме дека тоа добро функционира, почнавме да правиме своја музика и еве сега зад себе имаме пет студиски албуми, еден документарен филм и голем број свирки и концерти.

Кои луѓе се појавуваат во филмот?
- Кога го направивме концептот за филмот со Љубица, се договоривме, покрај архивските снимки од бендот, да интервјуираме и голем број луѓе, а таа бројка е некаде околу триесет. Покрај актуелните и некогашните членови и Културно уметнички работници, интервјуирани се и многу новинари, музичари, наши обожаватели, пријатели... Меѓу нив се новинарите Љубомир Грбевски-Џери, Љупчо Јолевски, музичарите Владимир Петровски-Картер, Зоки Трпковски познат како Зоки Агресор, Васко Атанасовски од Бернајс пропаганда, момците од групата Флукс, Елена Христова од групата Баклава, како и Миле и Драги, газдите на кафе-барот Браво, каде што всушност е оформен бендот и кои постојано нè поддржуваат во изминативе петнаесет години. 

...ух...ах...ох...

Кога ќе може јавноста да го види филмот?
- Премиерата ќе биде наредниот месец, во рамките на Синедејс, во Младинскиот културен центар. По проекцијата на филмот во киното Фросина, ќе следува и концерт на Културно уметнички работници во концертната сала на МКЦ. Тука ќе го промовираме нашиот нов, петти студиски албум, кој ќе биде објавен токму на тој ден. Всушност тоа ќе биде две во едно - премиера на филмот и промоција на новите 15 песни. На концертот ќе поканиме голем број гости што ќе свират со нас, а тоа се некои од нашите поранешни членови или музичари со кои сме соработувале во изминатите 15 години.

 

Ќе остане ли филмот само во Македонија или се планира и некоја промоција надвор од нашите граници?
- По премиерата на Синедејс, планираме филмот да го испраќаме на филмски фестивали за документарни филмови. Во регионов има неколку такви и се надевам дека ќе успееме да влеземе во нивната програма, затоа што тоа е одлично место за промоција не само на филмот туку и на музиката.

No comments:

Post a Comment