Шлаканица за непослушните
Објавувањето деби-албум
секогаш носи возбуда, но
и страв кај тие што ја создаваат
музиката, но и кај публиката.
Возбудата кај авторите
е поради тоа што се впуштаат во нешто
што дотогаш не го правеле,
а стравот - затоа
што влегуваат во една поинаква матрица.
Слушателите, пак,
имаат друга перцепција. Стравот кај нив
повеќе е скепса и
неверување во квалитетите на луѓето
што секојдневно
ги сретнуваат на улица. Ова особено важи
за нашето поднебје. Но,
и покрај тоа, домашните
млади автори не отстапуваат од своите
идеи, туку цврсто газат
по непороодниот пат, со директно вперен
прст кон неправдите и зборувајќи
на мегафон како предводници на
бунтовничката генерација. Тоа го докажува
и групата Foolish Green, со својот
албум-првенец Escape,
во кој нагласено се
чувствува неправедната борба и
спиритуалното бегство од реалноста.
ИЗВЕДУВАЧ: Foolish
Green
НАСЛОВ НА АЛБУМОТ:
Escape
БРОЈ НА ПЕСНИ: 12
ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 48,17
минути
СНИМАН: 2011/2012 г.
ПРОДУЦЕНТ: Ненад
Стефановски
ЖАНР: психоделичен
рок
ИЗДАВАЧ:
Password Production
ДАТУМ НА
ОБЈАВУВАЊЕ: 28.02.2013
Во овој
48-минутен материјал, поделен на 12 песни,
лидерот и идеен творец Ненад
Стефановски-Брус, се
обиде и направи нешто што и на многу
поискусни музичари не им успеало. Тој
и другите од бендот изградија свое
прибежиште во кое нештата се случуваат
поинаку, а од минималниот визир го
гледаат светот од поинаква перспектива.
Психоделичната атмосфера што преовладува
во албумот е уште еден доказ за тоа како
една загубена
генерација го восприема тоа што некој
им го наметнувал со години. Всушност,
во овие 48 минути е запишан процесот на
вонтелесната репродукција на
квазихуманоидите што владеат со светот
и непронаоѓањето решение за нивно
уништување и искоренување. Таквата
апокалиптична и психоделична атмосфера
се чувствува во песните Sun is gone,
Faux, Fade
away и Thousands
years of sorrow.
Но Foolish Green
не е група на млади и
зелени, напротив, тоа се луѓе со изграден
став, самодоверба и голема борбеност
што ја прикажуваат во пените Let
me out и
Magnum 44. Секако тука
има и теми со љубовна тематика, како што
се Lover doll, Laika, Dont
need no
love,
каде што повторно во заднина се чувствува
скриена тага, болка и барање излез од
оловните окови на љубовта.
Од
музичко-техничка страна, албумот едри
на ветрот на британскиот звук, каде што
се испреплетуваат психоделијата од
1960-тите и 1970-тите години од работилницата
на Pink Floyd и
етеричниот период на The
Beatles, потоа гитарската
школа од 1980-тите, комерцијалниот брит-поп
од 1990-тите години и инди-звукот на новото
столетие. И сето тоа спакувано во финален
продукт со искрена и непретенциозна
желба за подобро утре.
Албумот
Escape можеби најдобро
си го опишаа самите автори, кои на
неговата корица го испишаа цитатот на
Франц Кафка:
„Постојат безброј прибежишта, но само
едно бегство. Но има толку можности за
бегство колку што има и прибежишта“.
За македонската рок-сцена
Escape претставува фрлена
ракавица кон музичките неверници. Секој
што ќе го прифати двобојот ќе добие
подарок,
а непослушните шлаканица.
No comments:
Post a Comment